Димовски: Власта да престане со кампањата дека ВМРО-ДПМНЕ е против ЕУ и НАТО – ММС
ММС

Објавено на: 10/10/18 3:37 PM

Димовски: Власта да престане со кампањата дека ВМРО-ДПМНЕ е против ЕУ и НАТО

Интеграцијата во Европската унија и НАТО е стратешка определба на Македонија – согласни се пратениците и од власта и од опозицијата, но мислењата и понатаму им се разидуваат кога е во прашање Договорот со Грција. Уставните измени кои ги предвидува овој документ денеска за првпат се најдоа во Собрание, каде пратениците на седница на Комисијата за уставни прашања расправаа за владиниот предлог за пристапување кон измени и дополнување на Уставот.

На самиот почеток, премиерот Зоран Заев ги образложи своите аргументи, зошто ваквиот Договор е клучен за членството на Македонија во Унијата и НАТО Алијансата.

„Оваа иницијатива се покренува во согласност со законите и институционалните постапки за уставнби измени, рече Заев кој потенцираше дека пратениците се тие кои треба да ја одредат иднината на граѓаните кон НАТО и ЕУ и дека треба да се изјаснат по свое убедување и согласно волјата на граѓаните без да подлегнуваат на никаков притисок. Вашата одлука ќе ја испрати во историјата времената референца ФИРОМ. Придобивката е бесценета – зајакнат идентитет и гаранција за безбедност, стабилност, гарантиран економски развој и просперитѕетна иднина на сите наши граѓани. Македонскиот идентитет е заштитен за век и веков. Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во ОН – macedonian, без фусноти, признанен и прифатен и од нашиот јужен сосед Репубила Грција. Нашиот влог во компромисот е дефинирање на презизирано македонско име за нашата држава, кое е достоинствено и географски прецизирано – Република Северна Македонија“, рече Заев.

Неполни два часа откако започна, седницата беше прекината, а по едночасовната пауза прв за збор за јави пратеникот Џеват Адеми од ДУИ. Тој ги повика своите колеги да се водат од гласот на разумот:

„Да се водиш во овие моменти од емоциите е најлош совет. Дали има цена? Секако дека има, но целта е многу поголема. Повозвишена е од овој компромис кој е и наметнат. Ние сме принудени да го склучиме и како никогаш претходно, граѓаните на Република Македонија имаат потреба од единство и сплотеност“. Тој ја повика власта да престане со кампањата дека, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ е против ЕУ и НАТО.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ пак, му порача да не блефира:

„Прашувате дали има цена, но не ја плаќате Вие како Џеват Адеми. Добро е што спомнавте бројка, која јас немав храброст да ја споменам. Само 300 000 Македонци даваат поддршка за ова, што се однесува исклучиво на идентитеските прашања на Македонците. Нели мислите дека е прехрабро и дека имаат чувства тие луѓе? Дали господине Адеми вие сте спремен да го поништите новиот Закон за јазици во насока на општествената кохезија и наоѓање компромиси? Јас ја почитувам волјата што ја имате, ги знам и стравовите кои ги разбирам“.

Адеми му реплицираше, истакнувајќи дека колку е оваа држава на Заев, толку е и на Мицкоски и на Ахмети и дека нема гласови кои се повеќе или помалку важни од другите.

Пленарната седница на која ќе треба да се гласа по Предлогот за пристапување кон уставни измени се планира да одржи в понеделник.

 

Вања Мицевска