Младите претприемачи ќе добијат поддршка од „Шпаркасе банка“ за стартап бизнис – ММС
ММС

Објавено на: 10/10/18 1:03 PM

Младите претприемачи ќе добијат поддршка од „Шпаркасе банка“ за стартап бизнис

Поддршка и развој на нови бизниси, преку специјализирана програма за финансирање на микро и мали претпријатија ќе се обезбеди и во Македонија, преку акцелаторската програма „Чекор по чекор“ во соработка на Шпаркасе Банка, Европскиот инвестициски фонд кој ги обезбедува средствата, заедно со програмата на Европската комисија за вработување и социјална иноватиност.

Од идеја до реализација или „Чекор по чекор“  е всушност програма за поддршка и економско осамостојување на младите претприемачи, чија цел е да им се помогне во остварувањето на економскиот напредок за започнување сопстевн бизнис.

„Ова е проект кој не обезбедува само кредитна поддршка за младите претприемачи и старт ап бизнисите туку ова е партнерство кое започнува со едукација со изработка на бизнис планови, потоа нивна селекција и финансирање и реализација на бизнис идејата“, изјави Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор, при Шпаркасе Банка Македонија.

Потешкотиите да се дојде до финансиски средства е главниот проблем на микро и малите претпријатија кои всушност го чинат рбетот на економијата во една земја.

„За микро, малите и средни претпријатија се уште постојат потешкотии кога станува збор за пристап до финансиски средства, и Европската комисија го препознава овој проблем и со цел да се справи со него има формирано тело кое што се вика Европски инвестициски фонд.Она што е значајно е тоа што ова ќе биде комбинација на финансиска поддршка и уште една компонента која што е еднакво важна а тоа ќе биде менторскиот пристап за малите и средни претпријатија“, вели Јанмат Фрејк, раководител на Сектор за Економски прашања при Европската Унија.

Милион ипол евра ќе бидат финансирани од Европскиот инвестициски фонд, а максималниот износ на кредит е до 25 илјади евра.

„Денес официјално го отвораме јавниот повик за сите бизнис идеи. Замислено е повикот да трае нешто повеќе од еден месец, па потоа следи фазата на едукација, потоа презентирање на бизнис идеите и одлука на банката кои бизнис идеи би ги поддржала и потоа следи нешто повеќе од една година процесот на менторирањето“ изјави Владимир Кечовски, директор на Дирекцијата за микро клиенти при Шпаркасе Банка.

Сите стартап бизниси и  активни компании до 36 месеци, како и млади претприемачи кои немаат своја компанија туку само бизнис идеја може да аплицираат за прокетот „Чекор по чекор“.