ДОМ бара ревизија на ДУП-от во Аеродром, Марин недостапен за коментар – ММС
ММС

Објавено на: 10/9/18 11:50 AM

ДОМ бара ревизија на ДУП-от во Аеродром, Марин недостапен за коментар

Во пресрет на вечерашниот протест во општина Аеродром, во однос на новиот станбено деловен објект кој треба да се гради таму, реакција пристигна од партијата ДОМ. Преку писмено соопштение, Демократската обнова на Македонија го повика градоначалникот Златко Марин да ја стопира постапката за градба и да го исполни она што го вети, а тоа е ревизија на Детално урбанистичкиот план  кај Мајчин Дом.

Од ДОМ при тоа нагласуваат дека речиси сите процедури за носење ДУП-ови се скроени по ист терк, со грубо кршење на еколошките права.

Граѓаните пак, организирајќи се преку фејсбук страницата „Аеродром сака да дише“ се противат на новата градба бидејќи сметаат дека истата ќе го уништи целото зеленило и ќе се узурпира дополнителниот простор од паркот меѓу зградите. Револтот кај нив го предизвика и неисполнетото ветување на Марин за време на ланските локални избори, дека ќе го заштити просторот од дополнително градење.

„Прво, по преземање на власта на 15 октомври, ќе го запреме градежниот хаос. Ќе направиме ревизија на ДУП-овите со цел да се намали градежната експанзија. Урбанизација ќе има само во неурбанизираните делови, а ќе ја запреме градежната експанзија во урбаното јадро. Ова е еден од главните приоритети. Второ, ќе се бориме против загадувањето со конкретни национални и локални мерки. Здравјето ќе биде пред профитот“, изјави  Марин на прес конференција одржана на 2 – ри септември минатата година, за денес да остане недостапен за коментар. Тој не се одзва ниту на повиците, ниту на смс пораките од Канал 77 за да ја аргументира изградбата на деветкатницата која е спорна за граѓаните.

Сепак, како што пренесоа дел од медиумите, според него сите правни можности за стопирање на планот се исцрпени па на инвеститорот му било дадено одобрение бидејќи се уште е во сила Деталниот урбанистички план И 10.