Доктори, политичари, градежници, граѓани дојдоа денеска во Штип заедно со четворицата доктори од семејството Органџиски заедно да го одбележат отворањето на новата специјализирана болница за гинекологија и акушерство, „Д-р Органџиски“. Болницата, која како идеја тлеела со години, е продолжение на здравствената дејност на „Д-р Органџиски“, прво како здравствена ординација, чија дејност започна во 1992 година, преку поликлиниката и центарот за инвитро оплодување во 2009 година, до денеска, кога беше отворена специјализираната болница.
Овој објект, како што рече на осветувањето Поглаварот на МПЦ – Охридска архиепископија г.г. Стефан влева надеж и исполнување на препораката Божја „множете се, наполнете ја земјата и господарите со неа“.
-Во време кога знаеме какви ни се здравствените објекти и да не речам какво ни е здравството, овде гледам објект кој заслужува да му се радувате и восхитувате и да имате надеж. Место каде се подготвуваат за рожби, место каде се раѓаат, место од каде извира верба во утрешнината наша. Зашто информациите што доаѓаат секојдневно, дека смртноста ни е побројна од новите рожби, верувам дека нема човек кој не се загржуваат. Создадени се услови за да се враќаат нови рожби и тоа во одлични услови. Без нови рожби, иднината и не сакам да ја претпоставувам. Затоа, ова нека биде и апел кон помладите наши семејства, се намаливме како род, ако сме малку, прашање е како ќе господариме и владееме со земјата што Господ ни ја дал, рече г.г. Стефан, кој триесет години по осветувањето на ординацијата, сега повторно се најде во кругот на семејството Органџиски, овој пат, да ја освети новата болница.
Специјализираната болница беше изградена за една година и седум месеци и е објект од 2200 квадрати, додека целиот плац е 5000 квадрати. Проектот е инвестиција на семејството Органџиски со помош на кредитот од Шпаркасе банка.
Ова е витален објект за Штип и целата држава, како што рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој како претходен градоначалник имал удел во оформувањето на проектот.
-Мисијата која ја имаше д-р Органџиски од почетокот на 1990-те години за создавање на една ваква клиника и драго ми е што имав можност во минатото да учествувам и во изработката на проектите за надградба на претходниот објект којшто го имаше и преку кој успеа да се вгради во темелите на здравствениот сектор во државата, рече Бочварски.
Според него, преку изградбата на патната инфраструктура, на што работи ресорот на Бочварски, граѓаните од другите градови ќе имаат полесна сообраќајна врска.
За Штип, оваа болница ќе значи сместување на градот на важни здравствени центри во државата.
-Значајни се сите инвестиции, но верувајте прекрасно е чувството и значајна инвестиција е да се отвор нова приватна болница, во која ќе се раѓаа многу дечиња и со тоа ќе се зголеми бројот на населението. Со отворањето на болницата ќе се зголеми конкурентноста и има отвора на нови работни места, а овој чекор треба да го следи владата со изградбата на новата Клиничка болница во Штип и конечно да се осовременат здравствените услови, изјави градоначалникот Иван Јорданов.
ММС имаше ексклузивна прилика да ја претстави новата болница. Веќе информиравме дека објектот ќе има поликлинички дел, две оперативни сали и лапароскопска хирургија, современа лабораторија за дијагностички анализи, отворена за сите пациенти, не само за тие на болницата, потоа родилна сала и оддел за неонтологија, оддел за стерилизација и еден од највиталните делови на оваа здравствена установа – одделот за инвитро оплодување.
Има и огромна чекална од 230 квадрати со отворен дел со поглед на собата на новороденчињата.
Собите се еднокреветни, по принцип на бутик-болница, со цел пациентите да ја имаат својата приватност и сите удобности. Впрочем и современиот начин на третман и лекување е со краток престој во болнички услови.
Сопственикот, д-р Стојан Органџиски, вели дека болницата е наменски планирана и целосно прилагодена за дејноста со современа опрема. Како илустрација, родилната сала, каде ќе се породуваат пациентките е опремена со родилен стол, кој чини 30.000 евра.
-Човечноста, хуманиот и пријателски третман – тоа е основата од која тргнуваме во нашето работење до сега, во овие 30 години, а така и ќе остане. Во Специјализираната болница по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски” ќе работат 40 доктори и медицински персонал и тоа шест гинеколози, двајца анестезиолози, двајца педијатри неонтолози, како и целиот ембриолошки тим. чело со д-р Верица Органџиска, специјалист гинеколог – ембриолог, која е мојата поддршка на личен и професионален план, вели д-р Органџиски.
Во новата болница е вградено целото знаење, искуство и репутација на прим. д-р Ванчо Органџиски, кое сега е надградено со новата генерација доктори – специјалисти во семејството – д-р Стојан Органџиски, кој е сопственик на новата болница, неговата сопруга д-р Верица Органџиска, доктор со две специјалности – ембриолог и гинеколог акушер, и д-р Снежана Органџиска – Мајсторова.
Штип, Источна Македонија, но и целата држава и регион, од денеска имаат уште една модерна здравствена институција, која ќе ги има истите услови и услуги, како која било европска болница.