Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ воздржани, чекаат да ја видат иницијативата за предлог закон за амнестија за осудените за 27 април – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/23 12:24 PM

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ воздржани, чекаат да ја видат иницијативата за предлог закон за амнестија за осудените за 27 април

Двајцата пратеници, Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ и Даниела Николова од СДСМ, кои денеска се вклучија во емисијата „Стадион“ во дискусијата за иницијативата за предлог законот за амнестија за осудените за 27 април, велат дека иницијативата се уште ја немаат видено. Двајцата беа воздржани и рекоа дека ќе се произнесат откако ќе ја видат, но ги повторија добропознатите ставови на своите матични партии.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ вели дека луѓето кои сега се во затворите се само резултат за несогласување со политиката на актуелната влада.

– Да ја видиме иницијативата и ќе се произнесеме. Да ве потсетам дека ваква слична иницијатива поднесе и ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година. Јас лично сметам дека тие луѓе се обвинети за нешто што не го сториле, рече Лефков.
Тој потенцира дека имаат проблем со тоа како е класифицирано делото, дека се судени во неразумен рок, за страшно долгите рочиштата, притисоците и селективноста.

И неговата колешка, пратеничката од СДСМ Николова, рече дека ќе дискутираат за иницијативата кога ќе ја видат од понеделник. Сепак останува на ставот дека насилниците мора да понесат одговорност, со оглед на тоа дека тој ден беа загрозени животи на пратеници, новинари и на собраниските служби, а целиот настан внесе вознемиреност и страв кај граѓаните.

– Дилемата која јас ја имам е колку овие амнестии ќе не водат до охрабрување понатаму да имаме исти вакви случувања. Дали ваквите амнестирања, оние кои се случувале или оваа иницијатива сега нема да охрабри структури користејќи насилство да остварат цел, вели Николова.