Папата Бенедикт XVI поднел оставка поради несоница – ММС
ММС

Објавено на: 01/27/23 4:51 PM

Папата Бенедикт XVI поднел оставка поради несоница

Починатиот папа Бенедикт како главна причина за оставката ја наведе несоницата, се наведува во неговото писмо, чија содржина денеска ја пренесоа германските медиуми.

Од почетокот на неговиот понтификат, Бенедикт речиси „постојано“ го мачела несоница, се наведува во писмото напишано неколку недели пред неговата смрт.

Во писмото до неговиот биограф Петер Зевалд, до кое дојде германското списание „Фокус“, Бенедикт вели дека „јаките“ таблети што ги препишал неговиот лекар му овозможиле да ги исполни своите должности на папа.

Тие лекови, меѓутоа, „дојдоа до своите граници“, наведува тој во писмото од 28 октомври минатата година.

Несреќата за време на посетата на Мексико и Куба во март 2012 година ја забрза неговата одлука да се повлече. На првото утро од тоа патување, Бенедикт го нашол своето марамче „целосно натопено во крв“.

„Веројатно удрив во нешто во бањата и паднав“, напишал Бенедикт во писмото.

По тој инцидент, лекарот побарал намалена употреба на апчиња за спиење и инсистирал Бенедикт на идните патувања да учествува само во утринските настани.

Набрзо меѓутоа на папата му станало јасно дека ќе може да ги почитува овие медицински ограничувања само „кратко време“, што го натерало во 2013 година да објави дека се повлекува од должноста.

Бенедикт Шеснаесетти, роден како Џозеф Рацингер, го шокираше светот со својата објава дека станал првиот папа по речиси шестотини години кој се откажа од своите должности.

Самиот си ја одреди титулата „почесен папа“ и продолжи да живее во Ватикан, со неговиот наследник Франциск.

Почина на Нова Година 2022/23 година, ослабен од болеста.

МИА