„Растев само со мајка и знам како е“ – Станиша Станковиќ (20) се бори со институциите за поголеми права на младите од самохрани и еднородителски семејства – ММС
ММС

Објавено на: 01/27/23 12:09 PM

„Растев само со мајка и знам како е“ – Станиша Станковиќ (20) се бори со институциите за поголеми права на младите од самохрани и еднородителски семејства

Сведочејќи за пожртвуваноста на својата самохрана мајка Радмила, Станиша Станковиќ се амбицирал да направи сѐ што може за да се бори гласно и упорно за подобра позиција во општеството на децата од самохрани и еднородителски семејства.

Тој со целосна стипендија студира меѓународни односи во Белград за да може таа борба да ја води и преку својата идна професија. Лани во август доби награда за младинско учество од претседателот Стево Пендаровски, а неколку месеци подоцна јавно се обрати на протестот во Скопје каде 300 студенти од самохрани и еднородителски семејства побараа да бидат ослободени од партиципација за студирање.

За Станиша сепак ваквиот протест не бил доволен, па одлучил да поднесе претставка до Народниот правобранител. ММС тоа го искористи како повод за разговор со овој млад и упорен човек, кој низ својата животна приказна објаснува како е да се биде дете на самохран родител во земјава.

Која беше целта на поднесувањето претставка до Народен правобранител и што е наведено во овој документ?

-Веќе трета година се занимавам со правата на младите од самохрани и еднородителски семејства во Македонија. Поднесов претставка до Народен правобранител во која е наведено дека овие млади се исклучени од намалување на партиципација или финансиско олеснување при запишување на факултет. Ова олеснување всушност важеше со претходниот Закон за високо образование, но со измените од 2018-та година, тоа беше укинато.

Кој беше исходот, имаше ли реакција?

-Од Народен правобранител веднаш постапија и имаше реакција. Покренаа постапка, дојдоа до контакт со Националниот совет за високо образование и бев информиран дека ќе побараат нашето барање за ослободување од партиципација да биде вметнато или во правилник или во Законот за високо образование. До овој момент немаме официјален одговор од Народниот правобранител дали тоа ќе оди преку Министерството за образование и наука или преку Уредба по предлог на Националниот совет за високо образование.

Организацијата „Една може“ каде што и самиот си активист, соопшти дека на УКИМ и на УГД веќе има олеснување за студентите од самохрани и еднородителски семејства, а беше соопштено дека УКЛО тоа треба да почне да се спроведува од академската година 2023/2024. Која беше потребата овде да се вклучи и Народниот правобранител, дали претставката беше некаков механизам за студентите да добијат сигурност за вакво олеснување на долг рок?

-Ние како младинска група од организацијата „Една може“ се имавме обратено до универзитетските собранија и правобранители, а тие преку ректорските управи дадоа иницијативи и предлози да се направи ова олеснување за плаќање само на половина од износот за партиципација. Ова олеснување веќе беше воспоставено на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Ова е втора година како УКИМ го дава тоа олеснување иако не е во Законот за високо образование, но сепак овој закон содржи членови коишто предвидуваат дека ректорската управа може по своја должност да направи олеснети студиски програми, да ослободи, да даде кофинансирање и слично. Во Штип ова помина и веќе се изгласа, а од УКЛО добивме одговор деќа ќе биде воспоставено за академската 2023/2024 година.

Ова е пред сѐ на сопствена волја на ректорските управи и секоја година одлуката треба да поминува на ректорската управа со цел студентите да се стекнат со оваа погодност. Со самото тоа, може да се случи некаде ваквата одлука да не помине (тоа досега сме го немале). Дополнително, студентите ја добиваат оваа поволност после запишувањето, а најчесто конкурсот се објавува во текот на студиската година. Воедно кога ќе се воспостави законска основа за намалување за сите (како со претходниот Закон за високо образование) студентите ќе бидат сигурни и пред уписот, значи ќе нема потреба од дополнителни иницијативи до студентските собранија, процес на гласање и одобрување. Намерно ги споменав ректорските управи на универзитетите, бидејќи сепак се работи за засебни одлуки. Очекуваме дека во 2023 -2024 нема да има проблеми и сето тоа ќе се реши законски.

Дали претставката ја поднесе како физичко лице или во одењето по тој институционален пат се обединивте повеќе млади во слична ситуација?

-Да, како физичко лице. Пред сѐ ја поднесов од лични причини, бидејќи гледам дека институциите на тој начин повеќе реагираат. Ние пробавме како неформална младинска група и неколку пати испративме иницијативи, но тоа се вртеше во круг од една до друга институција. Се одлучив овој пат да го одам како лично дискриминиран во однос на одредени членови од законот. Како иницијатива пробавме неколку пати и со точни рокови, но не добивме конкретен одговор. Лично мислам дека не треба да добиеме еден таков одговор од Национален совет за високо образование.

Што ќе значи ваквото ослободување од партиципација за студирање за младите од самохрани и еднородителски семејства, колку е тоа важно за нивниот развој како личности, но и за нивната иднина?

-Прво би сакал да напоменам дека многу често се мешаат поимите самохрани родители и еднородителски семејства. Самохран родител е кога другиот родител е починат, исчезнат, непознат, во затвор или му е одземено родителското право. Додека еднородителско семејство се однесува на разведени, невенчани парови. Ова семејство сѐ уште не е дефинирано кај нас во закон, а фактичката состојба укажува на тоа дека често другиот родител не ја исплаќа алиментацијата или воопшто не се грижи за детето. Оттука, да споменам дека Универзитетот „Гоце Делчев“ даде право и на студентите од разведени и невенчани парови да аплицираат за овој бенефит.

А што се однесува до другиот дел од прашањето ова и те како придонесува за едно домаќинство особено по пандемијата и сите животни трошоци кои се зголемени, доста придонесува. Тие се со ограничени ресурси и најчесто земаат семејна пензија која е во многу ниски износи, а понекогаш и воопшто не се зема таа пензија. Секако за еден млад човек е важно да има поддршка од државата, добива впечаток дека таа вложува во неговата иднина, а со тоа има и една сигурност. Можеби за некој 400 евра не се голема сума, но кога се работи за вакви групи граѓани тоа е многу значајно.

Ти и самиот си растен само со едниот родител, па врз основа на своето животно искуство може ли да ни кажеш со што се соочуваат вие деца во македонското општество? Дали според тебе, треба да се направат некои измени во легислативата за да се подобри нивната позиција?

-Јас од самото мое раѓање сум со мојата мајка која е самохрана мајка и низ животното искуство и невладиниот сектор успеав да дојдам до повеќе контакти и видов дека има одредени пропусти кај нас каде што системот затајува. Тие пропусти не се решаваат, а требало да се решат години наназад. Овие проблеми се случуваат со недефинирањето на еднородителските семејства, тоа е доста огромен проблем  и пропуст на институциите во кои некогаш се случува судир на мислења од социјални работници, психолози, правници и семејнолози бидејќи не е точно дефинирано во законот иако и за тоа неколку пати имавме барање, но тоа остана така.

Законски измени се потребни затоа што најчесто не се исплаќа алиментацијата, а родителското право стои кога некое дете или некој студент ќе аплицира по извод во матична книга се гледа дека има двајца родители, но не се зема предвид фактичката ситуација. Најчесто едниот родител се води како невработен и не исплаќа алиментација или се доцни и тоа е финансиски терет.

Зошто се одлучи да студираш во Белград, сметаш ли дека преку изборот за студирање меѓународни односи ќе можеш и на професионален план да ја продолжиш борбата која ја водиш преку граѓанскиот активизам?

-Јас студирам во Белград, мојот татко е Србин и имам српско државјанство. За овие студии добив целосна стипендија со целосно покривање на моето студирање бидејќи навистина е голем трошок да се студира. Јас не остварував право на семејна пензија  од мојот татко поради недостиг на години во работен стаж, но тоа што имав српско државјанство ми беше големо олеснување. Сепак не застанав со мојата борба и продолжувам и понатаму по овој пат.

Можам да најавам дека по нашата претставка до Народен правобранител сме поканети на средба во Влада за да се види како да се реши овој проблем. Тоа е чекор напред бидејќи постојат четири правни механизми преку кои ова може да се реши, ама некаде застанува проблемот.

Пред сѐ може да се реши преку предлог на Национален совет до Влада, така е и дефинирано во член 128 од Законот за високо образование. Секој граѓанин на нашата Република може да даде иницијатива до Влада, потоа МОН и МТСП можат да испратат предлог до Влада, а четвртиот начин или механизам е преку Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за високо образование во Собрание. Не се одлучивме за последната опција бидејќи тешко и долго би одело изгласувањето на законот, но ако не успееме и на овој начин ќе одиме преку клубот на младински пратеници  за да се измени овој закон.

Како се гледаш во иднина по дипломирањето?

-Се гледам во борбата за човекови права бидејќи јас сум и млад европски амбасадор преку програмата  на ЕУ – Млад европски амбасадор за Западен Балкан од Северна Македонија и се гледам како активист за човекови права. Понатаму на секој можен начин сакам да придонесам за подобрување на условите на самохраните и еднородителските семејства, а потоа и на различни категории граѓани кои активно ги бараат правата н некаде нашиот систем не дава позитивни резултати.

Од мал растеш само со мајка ти – колку беше тешко еден сам родител да расте дете, дали истрајноста и амбициозноста се вредности кои ги научи токму од неа?

-Пред сѐ, да бидете самохрана мајка пред 20 години и сега не е исто бидејќи има некои позитивни промени кон гледањето на овие личности. Пред 20 години кога била самохрана мајка не беше толку актуелна темата. Постоеја одредени олеснувања, но не беа како што имаме денес. Јас бев запознаен кои се проблемите на самохраните родители, тоа се најосновните потреби некогаш, плаќање на градинка, училиште…тогаш немаш поддршка од социјалните работници, а тоа влијае и на менталното здравје. Но, тоа ми беше мотивација да не застанам и да се борам со моите врсници за нашите права.

Разменувате ли искуства, идеи и предлози со другите млади од самохрани и еднородителски семејства за подобрување на состојбите? Каква порака би испратил до своите врсници?

-Да напоменам дека младите секојдневно ми пишуваат за нивните секојдневни проблеми и предизвици, па би сакал да им порачам – нека не се откажуваат! Во секој момент да нѐ побараат нас, активистите. Различни фактори може да се делуваат врз нив како личности, но мило ќе ми биде да има повеќе млади кои ќе се вклучуваат во различни активности со цел да добијат подобар статус во општеството.

Ние постојано комуницираме, си даваме предлози. Тие не се доволно информирани за жалби и приговори, некои сме и од мали градови, не сме економски независни и поради тоа, сами мораме да се изградиме за да успееме.

 

Вања Мицевска