Наместо со тампон, патишта во Македонска Каменица се граделе со камен отпад – ММС
ММС

Објавено на: 10/9/18 9:58 AM

Наместо со тампон, патишта во Македонска Каменица се граделе со камен отпад

 

Кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување, Општина Македонска Каменица му поднесе на поранешниот градоначалник Дарко Митевски. Во пријавата до Основното јавно обвинителство во Делчево се посочува на сомневање за злоупотреба на неколку стотини илјади евра при градењето  локални патишта,  вклучувајќи го и патот до туристичкиот комплекс Еленец, кој е граден со европските фондови од програмата за прекугранична соработка.

Во пријавата се посочува на две компании, кои ги добиле тендерите на изградба на локални патишта и улици во градот во текот на 2015 и 2016 година – „Колетрнас инженеринг“ од Штип и „СМ компани“ од Свети Николе, која се споменуваше и во случајот што го отворија органите во Општината Карпош.

Само во текот на 2016 година „Колетранс инженеринг“ има добиено два големи тендера од Општината Македонска Каменица, во вкупен износ од над половина милион евра, додека во 2015 година исто така на два тендера, работела за износ од над 350.000 евра.

Светиниколската „СМ компани“ во 2015 година добила тендер од близу 400.000 евра за изградба на локален пат до селата Саса, Цера и Дулица, а следната, 2016 година за маалиски патишта во Косевица работи во износ од над 180.000 евра.

По направената експертиза од ангажирана компанија, утврдено е дека на одделни делови од локални патишта, наместо тампон, како што пропишува законот, бил поставен камен отпад  што бесплатно им бил даден, а бил пресметан во цената.  При мерењето на висината на асфалтниот слој, било констатирано дека е под определениот минимум од три-четири до пет сантиметри асфалт. Па, така, при пролетните дождови,  две улици во градот Македонска Каменица речиси целосно биле однесени.

Од Основното јавно обвинителство засега не излегуваат со детали. Делото е во предистражна постапка и сите наводи се тајни, одговорија на нашето прашање од Обвинителството.