Без положен менаџерски испит, а со уплатени пари и поминати обуки, професорите кои сакаат да напредуваат и да бидат директори и по една година не можат да го остварат ова право и да се стекнат со сертификат.
Дополнително, откако дел од нив станале в.д директори на училишта по смената на локалната власт, сега се соочуваат со губење на оваа позиција бидејќи им истекуваат времените мандати, новото именување значи кршење на закон. Без овој сертификат не можат да аплицираат на конкурсите за директор, нити можат да станат директори.
Ова е проблем кој веќе подолго време се соочуваат времено поставените директори во повеќе училишта низ државава, во општините каде раководи опозициската ВМРО ДПМНЕ. Државниот испитен центар, каде се спроведува сертифицирањето, ја поништи испитната 32 сесија, а со тоа и целиот процес кој го започнаа актуелните в.д. директори.
Ова значи и своевидна политичка игра на нерви, бидејќи општините раководени од опозицијата преку Училишните одбори не може да ги верификува новите директорски кадрите кои очекува да ги водат училиштата. Од друга страна, централната власт преку Државниот испитен центар го одолговлекува целиот процес. Во меѓувреме, Министерството за образование и наука повикувајќи се на спроведување на законот, во некои од општините, како Виница за гимназијата, и’ ја одзеде надлежноста во поставувањето на директор. Аргументите на централната власт е дека времето одминува, незаконски се в.д. мандатите, а Училишните одбори можат да одберат од кандидатите што веќе имаат положено менаџерски испит.
Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека очекува во најскоро време да се реши ситуацијата овде и да продолжат сите постапки, а поставена е и нова директорка.
– Во редовна комуникација сум со новата директорка на Испитниот центар која изврши проверка на сите документи кои беа од претходниот оглас, а имаше и датум за испити кој беше одложен од претходната директорка. Очекувам во текот на наредниот месец да продолжат сите постапки во Испитниот центар и да бидат поквалитетни од претходните, вели Шаќири.
Во меѓувреме кандидатите од Штип кои стигнале до последната фаза, односно до третиот дел од испитот, се’ уште немаат конкретни информации што ќе се случи со нивното полагање. Велат и од новата директорка, Благица Павловска, не добиле јасен одговор што од испитната сесија ќе им биде признато, а што не.
На најголем дел од штипските в.д директори им фали само последниот дел од испитот – полагањето на семинарскиот труд пред комисија.
Општина Штип, пак, може да остане без ингеренции во образованието доколку продолжи да назначува директори на основните и средни училишта без положен менаџерски испит. На ова се пожали штипскиот градоначалник Иван Јорданов кој вели дека централната власт му испраќа дописи да распише оглас за директори во училиштата кои се под локална самоуправа, иако актуелните в.д. директори се оневозможени од истата таа централна власт да ги положат менаџерските испити.
Штипските основни и средни училишта сега се соочуваат со смена на директори, а во меѓувреме и градоначалникот и самите в.д директори се во исчекување на разврската од случајот со 32 сесија на ДИЦ.