На 45 минути пред најавениот прес на МКЦ, прес одржа и градоначалничка, Данела Арсовска, која на екс директорот на МКЦ, Ванчо Богоев, му порача да и се извини за лагите или ќе добие тужба пред суд.
Арсовска го обвини Богоев дека се испумпувале пари од МКЦ, ангажирал противзаконски 250 лица како хоноррарци, од кои повеќето биле блиски до неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, а на над 90 пати биле ангажирани шанкери на испомош со хонорари и до 750 евра.
Арсовска демантираше дека Богоев бил разрешен, бидејќи договорот му завршил минатата недела
– Во 2022 направени се над 250 договори спротивно на закон, без да се ангажира авторска агенција, спротивно на позитивните законските прописи за кои ќе треба да се даде отчетност, а исплаќани се и илјадници евра без почитување на ниту една постапка, ниту закон. Меѓу овие ангажмани има истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ, но и на над 90 времено ангажирање на шанкери за 350 до 750 евра на месец. Од 40 вработени 12 се поставени за раководители, кои не раководат со никој, но затоа земале високи плати. Од главната каса на МКЦ се подигнати 100.000 евра без основа за повлекување на овие парични средства, а тоа се над 6,2 милиони денари во готово, рече Арсовска и демантираше дека на МКЦ му се скратени 90 проценти од буџетот.
-Минатата година на МКЦ од основниот буџет му следувале 10,7 милиони денари, а оваа година 8,7 милиони денари. Сумата за дотации од Град Скопје лани била 34 милиони денари, а и годинава е истата сума. МКЦ мора да работи и самоодржливо, има потенцијал да работи без субвенции и дотации, бидејќи има сопствени приходи од над 33 милиони денари. , додаде таа.
На новинарско прашање за образованието на новиот вд директор, кој завршил за детектив, таа рече:
-Колку лица работат во културата, а немаат соодветно образование? Дали некогаш сте се запрашеле било кој од лицата низ институциите какво образование имаат? Па половина од програмските директори немаат соодветно образование. Раководителот за културни дејности има правен, на филмската има бизнис, на музичката е економски техничар. Зошто некој да биде дискриминиран? Тој треба да менаџира, а не да прави перформанси. Прашањето е како некој злоупотребил пари, рече таа.