Делчево и околните места осамнаа под снежна покривка, додека во утринските часови врнежи од снег има само на повисоките места.
Снегот се задржи по делчевските улици и оформи снежна покривка по 2-3 сантиметри, која засега, не предизвика посериозни проблеми.
Општината Делчево информира дека зимските служби се подготвени и како што соопшти, зимското одржување на општинските улици и патишта во Општина Делчево ќе го врши фирмата СД-ТРАНС-Ѕвегор. Оваа компанија е одбрана по спроведената јавна набавка и потпишаниот договор со економскиот оператор, како најповолен понудувач кој ќе постапува согласно со потребите на Општината и Планот за долгорочно зимско одржување на општинските патишта и улици на подрачјето на Општина Делчево.
За зимско одржување на локални улици и патишта, Општина Делчево има издвоено 1,4 милиони денари, вредност со пресметан ДДВ.
-Согласно со Планот и предвидената приоритетна листа на зимско одржување патишта и улици, се опфатени патишта со асфалтен коловоз од 88,5 км, патишта со коловоз макадам од 42 км и улици со асфалтен коловоз во должина од 39,45 км. Надзор на извршените работи врши Одделението за инспекциски надзор при Општина Делчево. Чистењето на снегот од коловозите на патиштата и улиците отпочнува пред дебелината на снегот да достигне 10 сантиметри за сообраќајниците од прв и втор приоритет и 15 сантиметри кај сите останати сообраќајници опфатени со планот, со посебно внимание на: острите кривини, стрмните косини, мостовите, големи надолжни нагиби и делови каде има сенка (шуми, осојничави места, реки и слично), патни премини и вкрстувања итн., соопшти Општината Делчево.
Одржувањето и чистењето на тротоарите и јавните површини во градот е обврска на ЈКП „Брегалница“ Делчево, од каде информираат дека претпријатието има обезбедено доволно количини ризла и сол, а по потреба сукцесивно ќе се набавуваат дополнителните количини на ризла и сол. Исто така, претпријатието располага со две нови машини ровокопачи-утоварач и со хидрауличен плуг за чистење снег со ширина од 300 см., како и две машини фрези за чистење снег од тротоарите и другите јавни површини.
Зимското одржување на регионалните и магистралните патишта на територијата на Општина Делчево се во надлежност на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта.