Не сме сведочеле за град во кој во период од неполн месец се пролеа толку невина крв, нема улици во државава што биле масовни гробници за кучиња како улиците на Струга – реагираа денеска преку писмено соопштение од Асоцијацијата Бездомни животни без граници, од каде соопштија дека е забележано масовно труење на бездомни кучиња во градот.
-Денес во Струга се докрајчуваат кучињата што по некоја среќа успеаа да го избегнат предходниот масакр со пушка. Овој пат масакр се прави со отров. Десетици кучиња засега се најдени мртви од очигледно труење со добропознатиот ланате, отров кој во повеќе наврати се користи да се реши бездомната популација на животни во државава – алармираат активистите.
Тие ги обвинија институциите дека не преземаат мерки за сопирање на масовното убиство на бездомни животни во Струга.
-Огнот никогаш не сопре, единствено службите беа поажурни според сведоштва на анонимни граѓани – кучиња се убивале и се собирале веднаш за да се скрие траг. Се прашуваме дали сепак овде не се работи за гнев на поединец туку организирана хајка против бездомните кучиња во Струга? Дали Општина Струга решила другите мерки за третман на бездомната популација да ги толкува како масовна ерадикација на бездомните кучиња – прашуваат од Асоцијацијата.
Активистите и денес ги повикаа надлежните институции непристрасно да постапуваат во своите постапки и да го запрат овој масакр.
-МВР во Струга не е општинска институција за да постапува единствено во полза на градскиот татко како заштитена бела мечка. Ги повикуваме Агенцијата за храна и ветеринарство да ја санкционираат Општина Струга за неспроведување на хуман третман врз бездомните кучиња на територијата на општината, нивната неажурност и незаинтересираноста на општините доведуваат до кулминација на состојбата – ова е историја што се повторува! Примитивизам не е одлика на земја која се стреми кон членство во Европската унија – порачаа од Асоцијацијата.