(видео+галерија) Ексклузивна обиколка во новата специјализирана болница „Д-р Органџиски“ во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/23 4:29 PM

(видео+галерија) Ексклузивна обиколка во новата специјализирана болница „Д-р Органџиски“ во Штип

Во недела, 29 јануари, ќе се отвори првата приватна Специјализирана болница по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски” во Штип и источниот регион на државата. Болницата е инвестиција од пет милиони евра и е исполнување на животниот сон на примариус д-р Ванчо Органџиски, кој  на 21 септември 1992 година отвори приватна здравствена ординација. Подоцна стана поликлиника, а сега, по 30 години заедно со својот син, д-р Стојан Органџиски, тој сон го претвори во модерна специјализирана болница. Помладиот д-р Органџиски, Стојан, вели дека тој сон на неговиот татко д-р Ванчо, поддршката на неговата мајка, Богданка и истрајната работа, ги донесе до свечениот момент, за што им е особено благодарен.


фото: прим. д-р Ванчо Органџиски, основач на здравствената дејност

Ексклузивно погледнавме какви услови ќе имаат пациентите во овој единствен објект и по намената и по опременоста.

Специјализираната  болница по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски” е објект од 2200 квадратни метри на влезниот булевар во Штип, кој во време на изразена економска криза се изгради релативно брзо за само една година и седум месеци.

Фото: Колички за бебиња и инкубатори

Целиот плац е 5000 квадрати, а болницата ќе има поликлинички дел, две оперативни сали и лапароскопска хирургија, современа лабораторија за дијагностички анализи, отворена за сите пациенти, не само за тие на болницата, потоа родилна сала и оддел за неонтологија, оддел за стерилизација и еден од највиталните делови на оваа здравствена установа – одделот за инвитро оплодување.

Има и огромна чекална од 230 квадрати со отворен дел со поглед на собата на новороденчињата.

 

Фото: Чекална

Собите се еднокреветни, по принцип на бутик-болница,  со цел пациентите да ја имаат својата приватност и сите удобности. Впрочем и современиот начин на третман и лекување е со краток престој во болнички услови.

Сопственикот, д-р Стојан Органџиски, вели дека болницата е наменски планирана и целосно прилагодена за дејноста со современа опрема. Како илустрација, родилната сала, каде ќе се породуваат пациентките е опремена со родилен стол, кој чини 30.000 евра.

фото: Родилна сала

Впечатокот е дека целиот објект е планиран со многу љубов и вложеното во него создава пријателско опкружување.

-Човечноста, хуманиот и пријателски третман – тоа е основата од која тргнуваме во нашето работење до сега, во овие 30 години, а така и ќе остане. Во Специјализираната болница по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски” ќе работат 40 доктори и медицински персонал  и тоа шест гинеколози, двајца анестезиолози, двајца педијатри неонтолози, како и целиот ембриолошки тим. чело со д-р Верица Органџиска, специјалист гинеколог – ембриолог, која е мојата поддршка на личен и професионален план, вели д-р Органџиски.


фото: д-р Верица Органџиска, прим. д-р Ванчо Органдџиски, д-р Стојан Органџиски

Идејата за изградба на специјализирана болница е од пред петнаесетина години, од кога почнала потрагата по соодветна локација. За таа цел, се одржани повеќе средби со градоначалниците, кои поминаа сите овие години. Им биле понудени локации кај филтер станицата во населбата Баби, потоа на патот кон оваа населба непосредно до старото Нервно одделение и кај бањата Кежовица, што се покажале како несоодветни.

На крај, решението е најдено преку купување на неколку приватни парцели, кои потоа биле споени, по што почнала постапката.

Специфично за оваа инвестиција е што нема ниту денар од државни фондови и изградбата целосно е финансирана од семејниот капитал на семејството признати доктори Органџиски и со помош на кредитот од Шпаркасе банка, за што посебно се благодарни. Со тоа, од една мала ординација отворена од примариус д-р Ванчо Органџиски во 1992 година, преку поликлинички центар, оваа здравствена установа прерасна во специјализираната болница по гинекологија и акушерство.


видео: Обиколка пред отворањето на специјализираната болница по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски“ – Штип

-Штип како град добива ново значење со отворањето на болницата, бидејќи наши пациенти не се само штипјани, туку имаме пацинети од целиот регион, но и пошироко од целата држава – Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Струга, Гевгелија… Специјализираната болница по гинекологија и акушерство сега го мапира Штип како здравствен центар покрај Скопје и Битола, како центар за дијагностика, третман и инвитро оплодување, кажа д-р Органџиски.

фото: д-р Стојан Органџиски, сопственик на Специјализирана болница по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски”

Интересно е дека болницата се отвора во време на масовен егзодус на лекари и медицински персонал во странство. Д-р Органџиски вели дека во тимот од 40 луѓе, 23 се досегашни вработени на штипската Клиничка болница. Целокупниот медицински персонал, како што вели, има плати на ниво на европските.

Просторот околу болницата е доволен за изградба на уште една болница. Но, тоа е за некои идни времиња и можеби некои нови специјалности. Според д-р Органџиски, прво да се исполни првата цел – квалитетна работа на болницата каде ќе се создаваат и раѓаат нови животи.

галерија: Специјализирана болница по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски” во Штип

В.К.