Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско изјави дека законите што ја криминализираат хомосексуалноста се неправедни и оти „бог ги сака сите свои деца онакви какви што се“.
– Да се биде хомосексуалец не е злосторство, истакна папата Франциско.
Тој истакна дека католичките бискупи во некои делови од светот сè уште ги поддржуваат законите кои ја криминализираат хомосексуалноста или ја дискриминираат ЛГБТ заедницата.
Бискупите мора да поминат низ процесот на промени. Тие треба да бидат нежни, како што е бог кон сите нас, посочи папата Франциско.
Тој, зборувајќи за законите со кои се криминализира ЛГБТ популацијата, посочи дека Католичката црква може и треба да работи за да се стави крај на тоа и дека хомосексуалците мора да бидат добредојдени во Католичката црква и почитувани и оти не треба да бидат маргинализирани или дискриминирани.
Тој додаде дека мора да има разлика помеѓу криминал и грев во однос на хомосексуалноста.
– Да се биде хомосексуалец не е кривично дело. Прво треба да правиме разлика помеѓу грев и злосторство. Гревот е и недостаток на милост еден кон друг, посочи папата Франциско.
Папата Франциско кога беше надбискуп на Буенос Аирес се залагаше за давање правна заштита на истополовите двојки.
МИА
Фото: Инстаграм