Околу 150 жени годишно заболуват од рак на грло на матка, стручњаците апелираат на превенција преку ХПВ вакцинација – ММС
ММС

Објавено на: 01/24/23 8:45 PM

Околу 150 жени годишно заболуват од рак на грло на матка, стручњаците апелираат на превенција преку ХПВ вакцинација

Околу 150 жени годишно во Македонија ја добиваат дијагнозата рак на грлото на матката, покажуваат податоците од досегашната клиничка пракса.

Познавачите велат дека овој тип на рак е втор најчест кај жените веднаш по ракот на дојка, но потенцираат дека за негова превенција постои ХПВ вакцината, поради што е потребно да се зголеми свеста за вакцинацијата.

„Инциденцата според податоците од Институтот за јавно здравје за 2019, 2020 и 2021 година се одржува на 20-21 на сто илјади живи што е доста високо. Инциденцата е голема, потребни се превентивни мерки и консолидирање на еден превентивен програм од примарна превенција (вакцинација)  и секундарна превенција (скрининг)“, изјави д-р Горан Димитров од Македонското здружение за цервикална патологија и колоноскопија на денешната прес конференција по повод Неделата на борба против рак на грло на матка.

Димитров потенцираше дека ПАП тестот кој порано се сметал за триумф, од 2015-та година прераснал во „трагедија“ бидејќи како што рече, една третина од настанатите карциноми во САД се поради неточност на ПАП тестот, кој може да е негативен, а жената да има карцином.

Да се направи ХПВ скрининг – препорака на гинеколозите од 2017, имплементацијата се уште не го видела „светлото на денот“

Токму поради тоа, според докторот, потребно е жените да прават ХПВ тест, кој претставува статистичка метода со која се покажува дека жената којашто има високоризичен тип на вирусот носи оргромен ризик да има преканцероза и на тој начин рано се открива и се лекува, со што се спречува да дојде до инвазивен рак.

Димитров нагласи дека гинеколозите уште во 2017-та година препорачале државата да воведе ХПВ скрининг.

„Ние не имплементираме препораки, ние само ги даваме.  Во јули 2017 дадовме препораки како да се одвива скринингот во новото време за да имаме примарен ХПВ скрининг. Значи ние само ги даваме препораките, бидејќи со ваквиот скрининг ќе имаме огромен бенефит, затоа што докторот ќе знае дали одредена жена е под ризик“, додаде Димитров.

Професорот Рубенс Јовановиќ од Македонското здружение за патологија порача дека доколку нашиот здравствен систем тргне со примарно ХПВ тестирање тоа треба да се одвива по строги протоколи, со строги тестови, бидејќи од повеќе од 480 тестови достапни на пазарот само 14 се валидирани, а само четири се одобрени од Американската агенција за храна и лекови.

– Примарен ХПВ скрининг значи дека на почетокот на одредена популација се земаат примероци од грло на матка и се тестираат за присуство на ХПВ вирусот следено со негова генотипизација односно одредување на гентипот на вирусот. Ако има примарно ХПВ тестирање ќе треба многу да се внимава. Доколку се одлучиме за ваков тип на примарен скрининг, сите лаборатории коишто ќе бидат инволвирани во тој скрининг треба да користат иста методологија и исти тестови за да имаат компарабилни резултати – нагласи Јовановиќ.

Професоката Александра Грозданова, национален координатор за имунизација, нагласи дека ХПВ вакцината е прва вакцина против малигна болест.  Во Македонија оваа вакцина се дава во две дози кај девојчињата од 12 до 15 години и за нив е бесплатна, додека девојчињата над 15 години се вакцинираат со по три дози, а оваа вакцинација е на товар на родителите.

„Важно е родителите да бидат правилно информирани. ХПВ инфекцијата е сексуално пренослива и родителите не размислуваат за вакцина кога нивното дете е на 12-годишна возраст. Во нашата средина сѐ уште постојат стереотипи, но неслучајно е избрана таа возраст со цел да се направи превенција во период пред да станат сексуално активни. Се надеваме дека во скоро време ќе се вакцинираат и момчињата, бидејќи очекуваме да го прошириме вакциналниот календар“, рече проф. Грозданова.

Според неа, најголеми поборници за вакцинација се родителите чии семејства веќе имале искуство со борбата со овој тип карцином.

„Кога во семејството е помината голготата на цервикален карцином, тие родители се први промотори на вакцинацијата кај децата. Податоците за опфатот се поразителни. До 2019 година опфатот е 57  %. Но во 2020 и 2021, генерално и поради пандемијата, опфатот опадна“, додаде Грозданова.

На денешната прес конференција, директорката на Клиниката за онкологија, Виолета Клисаровска рече дека ракот на грло на матка е во топ пет најчести карциноми кај женската популација во светски рамки.

„Ициденцата на глобално ниво покажува дека околу 85 проценти од случаите се јавуваат во земјите во развој. Најновата статистика покажува дека во нашата држава има 113 новодијагностицирани случаи. Нашата клиничка пракса покажува дека нашиот просек е нешто повисок или околу 150 нови случаи годишно“, потенцираше таа.

Искуството покажува дека најчесто засегната популација е од 45-50 годишна возраст, но во 37 отсто од случаите станува збор за жени помлади од 35 години. Приближно 70 отсто од случаите се во земјите во развој вклучувајќи ја и нашата.

 

(В. Ми)