Посебен дел за женско здравје во системот „Мој термин“: Лекарите електронски ќе го следат и ХПВ статусот на пациентките – ММС
ММС

Објавено на: 01/24/23 4:29 PM

Посебен дел за женско здравје во системот „Мој термин“: Лекарите електронски ќе го следат и ХПВ статусот на пациентките

Резултатите од гинеколошките испитувања на жените, но и од прегледите на дојка со ехо и мамограф се достапни во посебен дел наречен „женско здравје“ во Националниот систем „Мој термин“. Оттаму очекуваат до крајот на овој месец, ваквиот модул да биде надополнет со можноста лекарите да го внесат и ХПВ статусот на своите пациентки.

Делот „женско здравје“ е направен по иницијатива на Македонското здружение за цервикална патологија и колоноскопија, чиј претседател д-р Горан Димитров вели дека покриеноста на ХПВ тестовите е огромна, а ХПВ вакцинацијата е откритие на 21-от век.

-Во тек е дополнување на овој модул „женско здравје“ со следење на ХПВ статусот на секоја жена. Тука ќе се добие увид во статусот на жената, дали таа е ХПВ позитивна и ако е, со кој тип е позитивна, но и каков е нејзиниот вакцинален статус. Ќе се добие увид во тоа дали таа од 2009 кога почна вакцинацијата е вакцинирана и со кој тип на вакцина е вакцинирана. Тоа ќе има голем бенефит затоа што жената која била ХПВ позитивна со високоризичен тип на ХПВ вирус, е под ризик и треба да се укаже на поголемо следење, односно таа жена да биде почеста во нејзините прегледи, додава д-р Димитров.

Жаклина Чакуровска од Националниот електронски систем „Мој термин“ потенцира дека овој модул во електронските досиеја на пациентките веќе им е достапен за матичните лекари, но и на лекарите специјалисти кај кои жените се лекуваат.

„Во тој дел на електронското досие има дел кој се нарекува женско здравје. Сите резултати поврзани со гинеколошките испитувања вклучително и ПАП тестот веќе се во системот и може да се видат на едно место, а исто така и прегледите од ехо и мамографија на дојка. Тоа што ние го дополнуваме сега по иницијатива на гинеколозите е да го воведеме ХПВ статусот.  Вакцинацијата и сега се евидентира во системот Мој термин преку модулот за имунизација, но идејата е таа да биде видлива во овој дел за женско здравје. Ќе има дел и за ХПВ проверката, односно испитувањето со датумот кога е направено и кој бил резултатот. Тоа го работиме сега и до крајот на месецот очекуваме дека веќе ќе може да го додадеме во постоечкиот дел на женско здравје ќе се појавува овој резултат“, вели Чакуровска.

Според неа, придонесот на патолозите и на сите оние кои ги внесуваат резултатите, лабараториите дури и матичните лекари, ќе биде многу важен бидејќи резултатите и сега постојат во хартиена форма.

„Нашата цел ќе биде ретроактивно и тие резултати да се внесат за да може да бидат видливи и полесно да се следат и да се заштеди за да не се прават дополнителни испитувања“, додава таа.

Д-р Димитров пак, нагласува дека ваквото следење на резултатите е важно бидејќи така ќе се види дали ако една жена била ХПВ позитивна пред пет години, таа потоа направила нов ХПВ тест, ПАП тест или друга дијагностичка метода затоа што можеби баш во тој период се развила инвазивна болест или повисока преканцероза.

 

В. Ми

Фото: Илустрација / Unsplash