За 4,3 проценти е намален бројот на случаи на семејно насилство во земјава, соопшти денеска на брифинг со новинарите Јованка Тренчевска.
Во изминатата 2022 се регистрирани 1543 жртви на семејно насилство, од кои 1074 се жени, 252 жртви се мажи, а 227 се деца. Од регионите, по број на жртви предничи скопскиот регион од каде биле 530 од жртвите, а најмал е бројот на жртви (60) во североисточниот регион.
Според податоците од центрите за социјална работа, во 2021 година се евидентирани 1608 жртви на семејно насилство.
Тренчевска потенцираше дека најголемиот број случаи се однесуваат на психолошкото насилство (1051), потоа физичкото (846) и економското (25) при кое насилникот и’ ја одзема платата на жртвата, а најмал број од случаите (6) се за сексуално насилство. Во меѓувреме центрите испратиле 2095 барања за привремена заштита на жртвите до граѓанските судови од каде се изречени 1823 вакви мерки. Најголем дел од сторителите се мажи или 1382, наспроти жените кои се пријавени за семејно насилство и чиј број е 114. Тренчевска додаде дека во сите плански региони во државата постојат советувалишта како за жртвите, така и за насилниците, бидејќи како што рече, стручните служби работат и со оние кои го сториле, а не само со жртвите кои го претрпеле насилството.
(В.Ми)