По две години затвор за Мијалков, Тачи и другите обвинети во „Титаник 2“: Втора пресуда за изборните нерегуларности – ММС
ММС

Објавено на: 01/23/23 2:02 PM

По две години затвор за Мијалков, Тачи и другите обвинети во „Титаник 2“: Втора пресуда за изборните нерегуларности

По две години затвор за изборните нерегуларности добија денеска екс директорот на УБК Сашо Мијалков, лидерот на ДПА Мендух Тачи,  но и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими од ДПА и Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ. Ова е втора пресуда на Кривичниот суд Скопје, во која обвинетите за предметот Титаник 2 се прогласени за виновни, а во казната им се пресметува и времето помнато во притвор.

Мијалков (кој е во затвор) и Тачи не присуствуваа на читањето на пресудата.

Според обвинението, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.

Ова e втора првостепена пресуда за „Титаник 2″, откако Кривичниот суд во 2019 година ги осуди обвинетите, но во декември истата година, Апелациониот суд поради суштествени повреди на постапката ја укина пресудата и случајот го врати на повторно судење. Мијалков доби три години затвор, Тачи три години и два месеци, четири години и шест месеци доби Ибраими, а останатите членови на ДИК беа осудени на по три години.

Инаку, апсолутна застареност на ова дело настапува во април годинава.

 

Фото: Архива