Жителите на скопската општина Аеродром од полноќ на социјалните мрежи постираат фотографии и видеа од багери кои ноќеска започнале со копање на парцелата кај Мајчин дом, каде според планот ќе се гради голем станбено деловен објект – пренесува Нова тв веб.
Револтот на граѓаните е голем и насочен кон градонашалникот Златко Марин кој во текот на кампањата за локалните избори бараше од неговиот претходник да го повлече планот за изградба на овој бетонски џин на зелената површина во овој дел од населбата. Тие за денеска во 17 часот најавија протест и бараат оставка од Марин за неисполнетите ветување.
Од Општината вчера за Телма изјавија дека тие се обврзани да го процесираат активниот ДУП И10, бидејќи иако до Уставниот суд, се доставени сите потребни документи во однос на ДУП И10 и повеќе претставки, нема никаква одлука.
-Уставниот суд до денес нема донесено никаква одлука за овој предмет, ниту го има ставено на мирување, ниту го има поништено ДУП И10. Барање за дозвола за градба на плацот пред Мајчин дом во меѓувреме пристигна и Општината е законски обврзана да го процесира, согласно со позитивните законски регулативи и параметрите на сѐ уште активниот ДУП И10, соопштија од Општина Аеродром за Телма.
На зеленилото пред Мајчин дом ќе гради фирмата ЗСФ ком, сопственост на Фатмир Етеми, поранешен пратеник од ПДП НДП, која на лицитација преку приватна банка го презеде градежното земјиште, а според поднесениот проект ги доби сите правни одобрувања за градба од општината во времето на Ивица Коневски.
Извор: novatv.mk