Жителите на Лабуништа ги пуштија децата во училиште.
Нема да ја блокираат наставата затоа што викендов биле информирани дека ќе бидат примени на разговор во Владата во четврток оваа недела.
Секретарот на М.З Лабуништа, Јасмин Казимовски за ММС изјави дека ќе присуствуваат на состанокот којшто го бараат веќе два месеци. Толку време поминало и од доставувањето на претставките во врска со работењето на двата каменолома во непосредна близина на селото.
„Дури откако беше објавено дека нема да ги пуштиме децата во училиште, од Владата се одважија да не поканат за си ја кажеме нашата мака,“ додава Казимовски.
Минатата недела ММС ја објави информацијата за намерата на жителите од оваа село кое што по пауза од две години кога беше стопирана работата на каменоломите по едностраното раскинување на концесиите од страна на Владата, повторно се соочија со истиот проблем откако два од каменоломите повторно беа активирани, едниот во април, другиот во септември, минатата година.
„Немаме добиено ништо повратно по поднесените претставки, на 29 декември и протестиравме, но се уште немаме никаков одговор,“ кажа Казимоски.
„Во нашите претставки како прв доказ се посочува зголемениот број на респираторните заболувања. Според извештајот од Здравствениот дом Вевчани , има регистрирано 1875 респираторни заболувања меѓу жителите на Лабуништа. Како една од причините на заболувањата се посочува загадувањето од каменоломите. Доказ е и вештачењето на земјиштето, со што е потврдено дека е зголемено нивото на прашина од работата на каменоломите. Постојат и други законски прекршувања. Еден од концесионерите е голем даночен должник па работи со друга фирма, другиот е излезен од експлотационото поле. Не е исполнет ниту законскиот минимум за оддалеченост на каменоломите од населено место, минимум три километри. Тука станува збор за стотина метри од првите куќи во селото.“ вели Казимоски.
Од Министерството за економија добивме информации дека по претставките се уште не е постапувано, се чека мислење од Државен инспекторат за техничка инспекција и од Државниот инспекторат за животна средина.
„Министерството за економија согласно преставките на жителите на с. Лабуништа кои се заведени под број 24-5551/1 и број 24-5550/1 од 16.12.2022 година, а кои се однесуваат со состојбата за каменоломите во с.Лабуништа поточно во местото викано Краста за концесионерот МИ-ТРАНС ДООЕЛ Струга, и за место викано Градиште за концесионерот Друштво за превоз, трговија и услуги Рамадан Влаши увоз-извоз ДООЕЛ с.Велешта Струга, се препратени за постапување до Државен инспекторат за техничка инспекција и до Државен инспекторат за животна средина со допис бр.24-188/1 од 10.01.2023 година. По добивање на одговорите од нивна страна Министерството за економија ќе ги разгледа и ќе преземе соодветни мерки согласно укажувањата од инспекторатите а исто така ќе бидат информирани и жителите на с.Лабуништа,“ се вели во одговорот што го добивме од Министерството за економија.
Во меѓувреме додека се чекаат мислењата од споменатите институции, од Владата ќе го слушнат мислењето на жителите на Лабуништа на состанокот закажан за во четврток оваа недела.