Во складиште за муниција во Черниговската област во Украина изминатата ноќ дојде до екплозија по која избувна пожар, соопшти на социјалните мрежи Генералштабот на украинските вооружени сили.
Во врска со експлозијата во арсеналот во реонот на селото Ичња, воведени се рестриктивни мерки. Првиот сигнал дошол од началникот на арсеналот во 3:30 часот.
Нема податоци за жртви.
Оперативна група на чело со началникот на Генералштабот пристигнала на местото на Инцидентот.
Државната служба за вонредни ситуации соопшти дека добила информации за пожар и експлозии на техничката територија на Шестиот арсенал на Министерството за одбрана во реонот на Ичња, Черниговска област, и е организирана евакуација на населението од зоната на можни оштетувања. Од опасната зона со возила се евакуирани околу 10.000 лица, стои во официјалното соопштение.
Воздушниот простор е затворен за летови во радиус од 20 километри, а запрено е и движењето на железничкиот и патниот сообраќај.
Според информација на Службата, територијата на арсеналот е околу 682,6 хектари, од кои 402 хектари се техничка територија.
Извор:МИА