Министерот за надворешни работи Бујар Османи додека е во Софија во посета на повредениот секретар на бугарскиот клуб од Охрид, Христијан Пендиков даде интервју за телевизијата bTV, во кое одговараше и за, како што рече, провокациите со имињата на бугарските клубови. Османи побара сензитивност во именувањето на клубовите, доколку мнозинството Македонци се чувствува навредено од ова, односно да се разбере оваа чувствителност на народот.
– Очигледно е дека имињата што беа избрани, без разлика како историски и научно ќе ги толкуваме улогите на овие личности во историјата, чувството, чувството во поголема мера во Северна Македонија е дека овие имиња се провокации. Ова е доволно. Како што кажав за случајот на Христијан, не ми е гајле што вели истрагата. Важно ми е што родителот на Кристијан вели дека бил нападнат поради неговата бугарска етничка припадност. А мене ова ми е доволно за денес да дојдам во Софија и да упатам порака. Истото треба да го чувствува и бугарската заедница. Не треба да влегуваме во вистинска научна дебата за улогата на овие историски личности. Ако мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од ова, да ја разбереме оваа чувствителност на народот. И верувајте дека тоа е во интерес на бугарската заедница. Ова го велам како некој кој поминал низ слични тешкотии во обединувањето и интеграцијата на заедницата, изјави Османи.
Новинарот на bTV побара појаснување и праша дали бугарските клубови во Македонија со имињата „Иван Михаилов“ и „Цар Борис III“ ако сакаат да продолжат да постојат, ќе треба да ги сменат имињата? Османи потсети дека Собранието усвои закон што јасно прецизира кои имиња не се дозволени.
– Така вели законот. Ќе бидам доследен – јас лично имав дилеми околу ретроактивноста на одредени делови од законот. Но, одлуката на собранието е таква што имињата не треба да се поврзуваат со периоди како што е фашистичкиот период од Втората светска војна, кои ги повредуваат чувствата на граѓаните. И клубовите ќе мора да го направат тоа, одговори македонскиот министер.
Османи најави дека идната недела ќе ги покани членовите на бугарските клубови, со цел да се направи план како да и’ се овозможи на бугарската заедница да ја декларира својата припадност, нејзиниот идентитет и културна припадност, да се интегрира во општеството.
Да потсетиме дека шефот на македонската дипломатија замина во Бугарија еден ден откако нападнатиот и повреден секретар на охридскиот бугарски клуб Пендиков со авион на владата на Бугарија беше пренесен на лекување во Софија. Во болницата, каде се лекува Пендиков, Османи се сретнал се сретнал мајката на повредениот, над кој денеска ќе биде изведена операција на вилицата.
Додека Османи е во Софија, во македонската јавност се’ уште е отворено прашањето за потегот на бугарскиот претседател Румен Радев, кој испрати авион и го зеде на лекување Пендиков, кој е македонски државјанин и нема бугарско државјанство. Ова се случува додека македонските истражни органи водат отворена истрага не само за нападот, туку за Пендиков Јавното обвинителство води истрага откако полицијата го фати со наркотици.