Второоделенците ќе ги добијат учебниците по математика и општество на почетокот на второто полугодие, најави Шаќири – ММС
ММС

Објавено на: 01/22/23 10:57 PM

Второоделенците ќе ги добијат учебниците по математика и општество на почетокот на второто полугодие, најави Шаќири

Учениците од второ одделение на почетокот на второто полугодие ќе ги добијат учебниците по математика и општетство – најави денеска министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Тој пред почетокот на второто полугодие истакна дека годинава ќе има и дел од учебниците за средно гимназиско образование, а речиси сите учебници за средно стручно образование ќе бидат целосно достапни и во електронска форма.

Министерството за образование и наука годинава ќе обезбеди и нови учебници за странски јазици за основно и средно образование. Министерот Шаќири го најави и новиот Закон за учебници.

– Министерството за образование и наука со оглед на предизвиците со учебниците што се појавија, утврди дека има потреба од нов подобар Закон за учебници, со кои ќе се минимизираат можностите за грешки, доцнење и слични проблеми и убеден сум дека следниот септември дел од проблемите што се појавија ќе бидат минато и нема да се повторат. Иако МОН не е дел од процесот на одобрување на учебници, ја користам приликата да ја информирам јавноста дека ги активираме сите можни механизми, довербата на граѓаните да биде уште поголема, рече Шаќири.

Најавува дека и инвестициите во нови лабаратории, надгледни средства, таблети и компјутери ќе се удвојат, а стотина училишта ќе имаат целосна вифи покриеност, со што, како што вели Шаќири ќе се намали дигиталниот јаз.

Прашан дали годинава ќе има зголемување на платите на наставниот кадар во основните и средни училишта, Шаќири вели дека лани добиле рекордно покачување на платите од 15  отсто, а оти во моментов со синдикатите се разговара и за донесување нов колективен договор.

-Ценам дека трудот на наставниците се уште е недоволно награден, со оглед и на инфлацијата, па така ние и во моментов разговараме со синдикатите и бараме решение за нов колективен договор, со кој ќе се покачат платите во образованието, рече Шаќири.

Министерот за образование и наука смета дека со инвестициите во наставниот кадар, неговото усовршување, реновирањето на училиштата, со воведување нa целодневна настава на целата територија на државата ќе се побара и поголем труд од наставниците, со цел да има поподготвени ученици, кои полесно ќе се вклучат на пазарот на трудот. Забележа дека лани МОН имало 95 ороценти реализација на капиталните инвестиции, а годинава околу 50 училишта ќе се реновираат, но и ќе се градат  нови училишта во дваесеттина општини.

 

МИА