По грешка ѝ ги ампутирале рацете и нозете: Девојче ќе добие милионска отштета од болницата во која не добила соодветна нега – ММС
ММС

Објавено на: 01/22/23 1:00 PM

По грешка ѝ ги ампутирале рацете и нозете: Девојче ќе добие милионска отштета од болницата во која не добила соодветна нега

Девојче од Велика Британија ќе добие милионска отштета откако по грешка ѝ биле ампутирани рацете и нозете.

Девојчето било пренесено на Ургентниот центар во Сари со симптоми на менингитис и сепса. Имала висока температура, болки во нозете, забрзано чукање на срцето, поспаност и повраќање. И покрај ваквите симптоми, лекарите ѝ препишале парацетамол и ја пуштиле дома.

Неколку часа подоцна, родителите се вратиле во болницата со својата ќерка откако таа добила осип и треска, по што ѝ била дијагностицирана менингококна сепса. Девојчето било префрлено на одделението за интензивна нега при педијатриската болница во близина, каде веќе органите почнале да ѝ откажуваат, па лекарите констатирале дека ќе бидат потребни неколку процедури за лечење на инфекцијата, вклучувајќи и пресадување на кожа.

За жал, инфекцијата се раширила и морале да ѝ ги ампутираат сите екстремитети. Така девојчето останало без двете нозе кои ѝ биле ампутирани над коленото, но и без двете раце откако тие биле ампутирани над лактите – пренесува Independent.

Семејството на девојчето одлучило да ја тужи болницата, тврдејќи дека доколку ѝ ја дале соодветната нега уште на почетокот, ампутацијата би можела да биде избегната. Болницата признала одговорност на сослушувањето во Вишиот суд во Лондон. Судијата одобрил паричен надомест во износ од 39 милини фунти или околу 44 милиони евра, со тоа што прво може да биде исплатен дел од сумата, а остатокот ќе се исплаќа до крајот на животот на девојчето.

„Парите не можат да му вратат ништо на девојчето, но може да ја обезбедат нејзината иднина“, порачал судијата.

 

Фото: Илустрација / Pixabay