(видео) Блаже Конески во 2022 година чита и создава нова поезија – како е можно?! – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/23 12:32 PM

(видео) Блаже Конески во 2022 година чита и создава нова поезија – како е можно?!

Нови аудио записи на кои се слуша како Блаже Конески,  чита своја поезија, се појавија лани, 29 годни по неговата смрт. Ништо невообичаено на прв поглед, освен што тие стихови никогаш не биле снимени со Конески.

Овие записи се со неговиот вистинскиот глас, но ги создаде машина, која со своите можности, дополнително го следи стилот на Конески и може до бесконечност да креира негова нова поезија.

Конески беше употребен за да се покаже моќта на вештачката интелигенција. За тоа како се создава и тече тој процес во емисијата „Стадион“ на Канал 77 зборуваше Стојанчо Туџарски, експерт за вештачка интелигенција, креатор на примената на моделот на GPT-2 од Open AI  и го прилагоди за македонскиот јазик.

Со тоа, заедно со тимот „Македонајзери“, Туџарски ги тренираше најнапредните јазични модели базирани на вештачка интелигенција BERT и GPT-2 на македонски, и на другите балкански јазици. Вакви модели до лани беа истренирани на англиски, германски, француски, италијански, руски, кинески, персиски и турски јазик, а сега со помош на македонскиот тим се додадени и јазиците на балканските народи.

Овие истренирани модели се објавени на сајтот специјализиран за ваков тип на модели за вештачка интелигенција HuggingFace: https://huggingface.co/macedonizer.

Туџарски објаснува дека на ова почнал да работи за време на пандемијата со предизвикот – зошто да не ја тренираме машината односно БАРТ платформата на македонски јазик.

-Игор Трајковски ми помогна со текстови на македонски јазик. Александар Савевски ми позајми компјутер и после 6 месеци експериментирање го имавме БЕРТ на македонски. Почнавме и со балканските јазици. Бевме први во светот што ја истрениравме генеричката програма за трансформација (ГПД 2)на балканските јазици.  Тоа е модел на којшто ќе му дадеме почеток на текст и тој ќе го надоградува со 1000, 5000 зборови. Ги истрениравме тие јазични модели и се создадоа можности да се појават стилови на пишување и тоа го направивме со Блаже Конески и почнавме да ги објавуваме текстовите на социјалните мрежите, објасни Туџарски.

Потоа Анастас Мишев, професор на ФИНКИ го поврзал Туџарски со група на помлади професори, по што настана тимот „Македонајзери“, кои го создадоа македонскиот БЕРТ, првиот модел на македонски јазик и се направи научен труд.

-Блаже Конески има 44 килобити текстови. Ако ја дотренираме ВИ со текстовите на Конески, може да произведуваме текстови колку сакате во негов стил. Почнав со имитирањето на стилови на поети со Шекспир и си реков ако може Шекспир, може со кој било, изјави Туџарски.

Оваа работа е објавена на: Шекспир за Божиќ и Шекспир за Ковид-19.

МАНУ пак подготви и објави аудио фајлови на кои се слуша како Конески ја чита својата поезија.


 

Некои професии ќе изумрат откако ВИ ќе ги замени

Вештачката интелигенција е закана за цели професии. Тоа, како што објаснува Туџарски е нешто слично како во времето кога се појавија машини, кои ги заменија работниците во текот на индустриската револуција.

-Имаме пишувачи на содржини. Нивната задача е создавање на индустриски дизајн, пишувачи на текстови по нарачка. Тие можат да се заменат со машина – етички и или не, тие можат да се заменат. Овие луѓе можат да се пренасочат таму каде се попотребни или веќе што станува актуелно во светот, а тоа е четиридневната работна недела. Се’ повеќе работни задачи преземаат машините, што ја прави остварлива четиричасовната работна недела, вели Туџарски.

Таа технологија постои, ќе има фирми кои ќе ги нудат тие услуги, преку кои земаме слики, глас и ќе имаме лик и некој што зборува како нас.

-Тоа е „дип фејк“ технологија со појавување на слики на познати личности во ситуации во кои тие никогаш не биле. Се појави и клонирање на видео. Се зема тотален анонимус и потоа со компјутерска технологија му е вметнат ликот на Том Круз и човек не може да направи разлика, дека Круз е вештачки клониран.  Со записи од гласот и со стајл трансферот, ако имаме пишувани записи од таа личност, можеме да ја натераме да зборува во својот стил. Било која историска личност можеме да ја дигитализираме, можеме да ја натераме да збори ако има говорен запис, може било кој политичар, кажа Туџарски во „Стадион“

Тој смета дека најверојатно меѓу професиите кои нема да изумрат се политичарите,  но и актерите со живото актерство во театар на сцена, не може никој да ги замени и тие се сигурна професија.