Дваесет и едно годишниот Х.П. од Охрид синоќа бил нападнат од тројца охриѓани во угостителски објект на кеј „Македонија“, соопшти утрово СВР Охрид.
Лицето, како што е наведено, било физички нападнато од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид, по што му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид.
– Според пријавеното од Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј „Македонија“ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид, појасни за МИА портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Нападот во полиција бил пријавен околу 22 часот и 30 минути. Известен бил јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.
Според бугарската агнеција БГНЕС станува збор за Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, кој имал скршени пршлени, ребра и скршена вилица.
-Пендиков е единствениот кој јавно ја брани својата припадност и потекло. Тој пред еден месец беше во Софија и детално го опиша инцидентот со Бугарите во РСМ, но досега нема официјална реакција ниту во Софија, ниту во Скопје за случаите на терор и репресија врз локалните Бугари опишани од Христијан Пендиков, информирал репортерот на БГНЕС.