Примила поткуп за да не го евидентира влезот на двајца патници: Кривична пријава за полицајка од ГП „Богородица“ – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/23 4:50 PM

Примила поткуп за да не го евидентира влезот на двајца патници: Кривична пријава за полицајка од ГП „Богородица“

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција- Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања поднесе кривична пријава против С.А..

Станува збор за полициска службеничка во Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица при Регионалниот центар за гранични работи Југ. Кривичната пријава против неа е поднесена поради постоење на основи на сомнение дека сторила кривично дело „примање поткуп” по член 357 ст.1 од Кривичниот законик.

Пријавената на 21.12.2022 околу 12 часот побарала и примила поткуп (пари) за да не изврши службено дејствие кое била должна да го изврши, односно да не ги евидентира оштетените (грчка државјанка и нејзиниот сопатник) во системот на контрола на патници и возила дека оствариле излез од Република Северна Македонија кон Република Грција. Против С.А. е поведена и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, како и отстранување од работното место – соопштија од МВР денеска.