Новиот в.д. директор на „Исар“ од Штип, Трајче Коцев од членовите на Советот на општината побара и доби измена на годишниот план за вработување и негово дополнување со две нови работни места – помошник директор и советник за технички прашања. Ова би биле сосема нови работни места, што може да бидат нови лица, кои би се вработиле или би дошле по пат на унапредување, објасни директорот Коцев.
За опозициските советници беше дискутабилно дали треба да бидат нови работни места во претпријатието кое е во долгови и има над 340 луѓе.
-Во „Исар“ дојдов пред десетина дена и го формирам тимот. Сметам дека во планот за вработување треба да стојат овие две позиции. Може да дојде до нивно пополнување, а може и да не дојде. Во консултација со стручната служба, добро е да се нови вработувања, образложи Коцев.
ЈП „Исар“ има долгови за неплатена струја, а продолжува да ги враќа и долговите за земениот кредит пред повеќе години.
На денешната седница советничката од СДСМ, Маријана Рогожарска – Поповска упати советничко прашање до градоначалникот и до новиот в.д. директор, дали се точни шпекулациите дека дел од вработените од ЈП „Стипион 2011“ и дел од надлежностите ќе бидат префрлени во „Исар“.
Одговорите треба дополнително да бидат доставени.