Актуелната претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска нема да се кандидира за претседател на партијата на претстојниот Конгрес. Од партијата засега не коментираат кои имиња влегуваат во игра.
Актуелниот, трети мандат на Лилјана Поповска како претседател на Демократската обнова на Македонија ќе биде и нејзин последен. На седницата на партискиот Централен одбор таа ги замолила колегите да не ја предлагаат за претседател на претстојниот Конгрес за кој во моментот течат подготовките, откако на 11 месецов беше објавен јавен повик за кандидирање за носители на највисоките партиски функции.
Портпаролката на ДОМ, Маја Морачанин засега е воздржана од коментари, бидејќи како што вели, се’ уште е во тек процедурата на кандидирање:
„Во текот на оваа седмица очекуваме општинските организации да испратат свои кандидати и за членови на Надзорен одбор и на Централен одбор на партијата и се разбира, за претседател. Ќе почекаме краток период додека да ги собереме сите кандидатури и известувања од општинските организации, а информирањето на јавноста ќе биде транспарентно“.
Редовниот, четврти конгрес на партијата ќе се одржи на 28 октомври.