Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) одлучи да достави иницијатива до Владата за утврдување одговорност на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со ненавремено донесено решение за забрана за вршење технички преглед на правното лице „Виа Комерц”, станица во која по утврдувањето на неправилностите, технички преглед бил извршен и на превозникот „Беса Транс” во чиј автобус во несреќа во Бугарија загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени.
Комисијата утврдила дека министерот не постапил правилно, бидејќи по добиениот извештај од инспекторатот кој извршил контрола и утврдил неправилности во работењето на станицата, тој не издал наредба во предвидениот рок од станицата да ги отстранат неправилностите, туку истата ја издал по три месеци од добиениот извештај, односно три дена по несреќата во Бугарија.
ДКСК одлучи дека поради фактот што Јавно обвинителство веќе има отворено предмет и се води судски процес за овој случај, сите докази кои ги имаат ќе ги достават како дополнување на докази во обвинителството, а до Владата да достават иницијатива за утврдување на одговорност на министерот Оливер Спасовски.
Оттаму посочија дека сè уште не е утврдено дека сообраќајната несреќа се случила поради техничка неисправност на автобусот.
Претставниците од ДКСК на денешната седница расправаа и за снимка од Локални избори на која се гледа како министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерот животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, користат службени возила за партиски цели.
Во однос на новинарското прашање што понатаму во врска со овој случај, тие одговорија дека нивна задача е материјалот да го проследат до кабинетот на вицепремиерот за добро владеење и тие да донесат одлука.
Помеѓу предметите што се најдоа на денешниот дневен ред беше и предлогот за претставка до Совет на јавни обвинители во врска со работата на обвинителката Наташа Поп Трајкова во врска со постапувањето за предметот Холидеј ин, која според ДКСК, се одвива веќе подолго време.
МИА