Јанкулоска не ја коментира пресудата за „Тенк“: Ќе се жали до Апелација – ММС
ММС

Објавено на: 10/8/18 2:28 PM

Јанкулоска не ја коментира пресудата за „Тенк“: Ќе се жали до Апелација

Набавката на блиндираниот мерцедес вреден околу шестотини илјади евра и’ донесе шест години затвор на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Таа не присуствуваше на денешното изрекување на пресудата, бидејќи беше на рочиште за предметот „Таргет тврдина“ на СЈО.

Фото: Архива

Пресудата за која денеска одлучи судечкиот совет на чело со Добрила Кацарска остана непрокоментирана од екс министерката Јанкулоска. Таа  не ја слушна пресудата за раздвоената постапка во предметот Тенк,  бидејќи присуствуваше на рочиштето за предметот „Таргет Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство.

Јанкулоска освен шестгодишна затворска казна, заработи и мерка на претпазливост според која, нема да смее да го напушти Скопје. Мерката на претпазливост е на сила се’ до правосилност на пресудата, а екс министерката ќе треба и да ги надомести судските трошоци од над  323 илјади денари.

Во меѓувреме остануваат на сила двете други мерки на претпазливост кои претходно и беа изречени. Според ова, патната исправа на Јанкулоска и понатаму ќе биде одземена, а таа секој работен петок ќе мора да се јавува во Судот. Обвинителката, Фатиме Фетаи рече дека не предлага мерка притвор бидејќи се ценат семејните прилики, кои како што рече таа, се добропознати за сите,имајќи предвид дека има бебе коешто за ништо не е виновно за наметната ситуација од родителот.

Јанкулоска  не сакаше да даде свој коментар пред новинарите.

„Се’ што имав да кажам кажав во завршните зборови. Пресудата ќе ја искоментирам во жалбата“, рече таа.

При изрекувањето на пресудата, судијката Кацарска потсети дека одбраната во текот на постапката предлагаше сведоци кои сведочеа дека старото возило често се расипувало и затоа имало потреба да се набави ново блиндирано возило, но сепак таа посочи дека во случајот Тенк не станува збор за оправданоста на набавката.

За овој предмет, претходно беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор. Потоа Апелација му ја потврди казната на Груевски, а му ја намали за две години на Поповски.