– Македонската ракометна репрезентација без ниту еден освоен бод го заврши учеството во Ф-групата на Светското првенство 2023. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров вечерва во Краков загубија од Аргентина со 26:35.
Ова беше натпревар кој директно одлучуваше која ќе биде третата репрезентација од Ф-групата која ќе продолжи во Главната групна фаза.
И покрај најавите дека „црвено-жолтите“ по двата убедливи пораза имаат сили за позитивен резултат, на теренот ништо поразлично од средбите со Норвешка и Холандија, а и резултатот на полувреме беше идентичен 11:18.
Аргентина во второто полувреме без проблем ја одржуваше високата предност и го приведе резултатот кон сигурна победа.
Филип Талески со пет, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски со по четири погодоци беа најефикасни во македонскиот тим, Диего Симонет со осум гола се истакна кај победниците.
Во дербито на групата вечерва од 20:30 часот се среќаваат Норвешка и Холандија, двете селекции кои заедно со Аргентина одат во Главната групна фаза.
Нашата репрезентација ќе разигрува за пласман од 25 – 32. место во т.н. Президент куп.
МИА