Предложен нов директор на штипската гимназија – ММС
ММС

Објавено на: 01/17/23 3:40 PM

Предложен нов директор на штипската гимназија

Училишниот одбор на СОУ „Славчо Стојменски“ од Штип донел одлука по распишаниот конкурс за избор на директор меѓу пријавените двајца кандидати. Како што дознаваме, Училишниот одбор му предлага на градоначалникот нов директор на гимназијата да биде Марјан Арсов, професор во ДСУ „Искра“.

Негов противкандидат беше поранешниот директор, Тамер Јамаковски, кој беше разрешен со доаѓањето на ВМРО ДПМНЕ на власт. Конечната одлука е на градоначалникот Иван Јорданов.

Марјан Арсов е поранешен директор на „Искра“ и ќе биде прв директор на гимназијата кој не доаѓа од колективот професори во „Славчо Стојменски“.

Распишувањето на конкурсот за избор на директор дојде по реакцијата на Државниот просветен инспекторат, а потоа и министерот за образование, дека истечен е мандатот на в.д. директорот, поради што треба да биде распишан конкурс за избор на нов.

Истечените в.д. мандати се главен проблем и во останатите основни и средни училишта во Штип. Со локалните институции раководат вршители на должност директор, од кои некои го трошат својот втор мандат, што е спротивно на законот.

Од друга страна, сите овие времено назначени директори немаат положено директорски испит, што е услов за вршење на директорската функција. Тие почнаа со полагањето на испитите, по што со одлука на Државниот испитен центар (ДИЦ), целата постапка беше прекината и дотогашните испити поништени. Со тоа, останаа без можност да аплицираат на конкурсите што евентуално би ги распишале Училишните одбори.

Оваа состојба веројатно ќе потрае, бидејќи ДИЦ допрва работи на избор на обучувачи за овие менаџерски испити и на крајот на декември распиша јавен повик.

Оваа своевидна „војна“ помеѓу локалната и централната власт засега е во корист на централната, бидејќи општините и локалните институции го кршат законот со тоа што раководители се в.д. директори со истечени мандати.

Во случајот со Штип, дел од училиштата имаат в.д. директори поставени на почетокот на 2022 година, на кои вториот мандат им истекува во февруари и март.

Членот 118 од Законот за основно образование пропишува дека вршителот на должноста директор не може да  биде подолго од шест месеца на ова место, а исто лице едноподруго не може да биде именувано за в.д. директор на основно училиште.

 

В.К.