Жителите на Лабуништа се заканија, нема да ги пуштат децата на училиште- Каменоломите повторно „креваат прашина“ – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/23 2:43 PM

Жителите на Лабуништа се заканија, нема да ги пуштат децата на училиште- Каменоломите повторно „креваат прашина“

Кратко траеше победата на жителите на струшкото село Лабуништа. Каменоломите повторно им го уништуваат и животите и земјиштето. Два каменоломи повторно работат. Жителите доставија претставки до Министерството за економија. Одговор се уште чекаат. Протестираа и блокираа, одговор повторно не добија. На последниот собир што го одржаа решија да ги бојкотираат институциите- Со почетокот на второто полугодие нема да ги пуштат децата на училиште.

„Компромис со здравјето на граѓаните нема“ рече Министерот за економија Крешник Бектеши пред две години кога еднострано Владата ги раскина концесиите на шест концесионери коишто со години со својата работа го „запрашуваа“ Лабуништа.
Во моментов според регистарот на концесионери за минерални суровини активни се две концесии на концесионери коишто работат во атарите на селото Лабуништа.

По едностраното раскинување на концесиите, врз основа на нивните доставени докази и вештачења во рамките на поднесената тужба до Управен суд, истите биле уважени од судот.
Управниот суд донел одлука за враќање на претходна постапка.

Всушност, Управен суд донел одлука дека не е надлежен да одлучува за ова прашање. Тоа го потврдил и Вишиот управен суд.
За концесионерите тоа било доволно, едниот во април, другиот во септември минатата година повторно да ја активираат механизацијата.
„Од сите постоечки концесии за нас најштетни се оние на МИ-ТРАНС и ВЛАШИ ДООЕЛ, вели секретарот на М.З Лабуништа, Јасмин Казимоски.

Пред речиси два месеци жителите од селото поднеле претставки до Министерството за економија со докази коишто укажуваат за уништување на животната средина и други правни законски прописи што всушност ги прекршуваат концесионерите.


„Немаме одговор по поднесените претставки, на 29 декември и протестиравме, но се уште немаме никаков одговор,“ додава Казимоски.
„Во нашите претставки како прв доказ се посочува зголемениот број на респираторните заболувања. Според извештајот од Здравствениот дом Вевчани , има регистрирано 1875 респираторни заболувања меѓу жителите на Лабуништа. Како една од причините на заболувањата се посочува загадувањето од каменоломите. Доказ е и вештачењето на земјиштето, со што е потврдено дека е зголемено нивото на прашина од работата на каменоломите. Постојат и други законски прекршувања. Еден од концесионерите е голем даночен должник па работи со друга фирма, другиот е излезен од експлотационото поле. Не е исполнет ниту законскиот минимум за оддалеченост на каменоломите од населено место, минимум три километри. Тука станува збор за стотина метри од првите куќи во селото.“ вели Казимоски.
На собирот на жителите којшто се одржал на средината на декември, било договорено дека доколку надлежните и понатаму ги игнорираат да преземат и активности на граѓанска непослушност. Бидејќи оваа година нема избори, нема да ги праќаат своите деца на училиште.
„Оваа одлука ни е дефинитивна“ вели Казимоски.

Од Министерството за економија добивме информации дека по претставките се уште не е постапувано, се чека мислење од Државен инспекторат за техничка инспекција и од Државниот инспекторат за животна средина.

„Министерството за економија согласно преставките на жителите на с. Лабуништа кои се  заведени  под број 24-5551/1 и број 24-5550/1 од 16.12.2022 година, а кои се однесуваат со состојбата за каменоломите во с.Лабуништа поточно во местото викано Краста за концесионерот МИ-ТРАНС ДООЕЛ Струга, и за место викано Градиште за концесионерот Друштво за превоз, трговија и услуги Рамадан Влаши увоз-извоз ДООЕЛ с.Велешта Струга, се препратени за постапување до Државен инспекторат за техничка инспекција и до Државен инспекторат за животна средина со допис бр.24-188/1 од 10.01.2023 година. По добивање на одговорите од нивна страна Министерството за економија ќе ги разгледа и ќе превземе соодветни мерки согласно укажувањата од инспекторатите а исто така ќе бидат информирани и жителите на с.Лабуништа,“ се вели во одговорот што го добивме од Министерството за економија.


И додека иституциите молчат или се прогласуваат ненадлежни, жителите од оваа струшко село го минуваат секојдневието заедно со прашината којашто за едни носи профит за други болести.

В.Кр