Загадувањето на животната средина е закана за човековите права, вклучително и правото на живот.
Изложеноста на опасни материи загрозува широк спектар на други права, меѓу кои правата на телесен интегритет, здравје и здрава животна средина – нотираше Комитетот за човекви права.
На загадувањето на воздухот веќе не се гледа само како на здравствен и еколошки проблем. Генералното собрание на Обединетите нации лани во август донесе историска резолуција со која се прогласува дека секој на планетата има право на здрава животна средина, вклучувајќи чист воздух, вода и стабилна клима. Иако не е правно обврзувачка, оваа резолуција би можела да се покаже како многу важна за заштита на планетата и нејзините луѓе, особено од аерозагадувањето, кое убива 7 милиони луѓе секоја година.
Кога станува збор за нашата држава, податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека со аерозагадувањето се поврзани една петина од смртните случаи. Несомнено со овој проблем се прекршуваат низа права на граѓаните. Но, дали и како тие може да ја бараат правдата? Какво е искуството на оние кои се охрабриле да го направат ова? На оваа тема ММС разговараше со Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ, програмски координатор во Македонското здружение на млади правници.
Кога станува збор за загадувањето, докторите често алармираат дека тоа влијае врз нашето здравје, но од правен аспект дали и како тоа ги прекршува нашите човекови права? Дали тука може да зборуваме за непочитување на Уставот со оглед на тоа дека и таму се наведува правото на здрава животна средина?
-Секако ни го попречува уставно загарантираното право на здрава животна средина, а исто така и остварувањето на нашите права гарантирани со поголем број закони, како што се Законот за животна средина, Законот за квалитет на амбиентниот воздух и други. Правата (не само на здрава животна средина, туку правото на приватен и семеен живот, и други) се загарантирани и со конвенциите кои ги има ратификувано РСМ, како што се Архуската конвенција, Европската конвенција за заштита на човековите права, која ѝ е повеќе позната на јавноста, и други.
На кој начин граѓаните можат да ѝ се спротивстават на државата, кои правни механизми им стојат на располагање и дали може да ви се обратат за помош од стручен аспект?
-Од стручен аспект МЗМП може да ги посоветува и да им помогне, во смисла на правен совет, информации или поддршка на определена постапка доколку сметаме дека има основ и докази. МЗМП поддржа и води неколку постапки против државата, односно против надлежните. Конкретно, пред Граѓанскиот суд во Скопје, ние (МЗМП) како тужители со уште едно физичко лице водевме постапка за аерозагадувањето, во која баравме да се утврди повреда на повеќе права, како и да се определат одредени задолжанија. Постапката заврши неповолно, судот не навлезе во решавање на основаноста на тужбеното барање туку тужбеното барање беше отфрлено од формално правен аспект. Таму воопшто не се навлезе во суштината на спорот. Во моментот е поднесена апликација пред Европскиот суд за човекови права. Исто така поведовме граѓанска постапка пред Основниот суд во Битола за аерозагадувањето во Битола. Оваа постапка првостепено заврши неповолно од формално правен аспект и сега е пред Апелациониот суд Битола.
Граѓаните може да се обидат меѓутоа очигледно дека судовите немаат волја да одлучуваат по ова прашање.
Кои беа аргументите на Скопскиот граѓански суд за да ја отфрли тужбата за аерозагадувањето?
-Аргументите беа околу правниот интерес, правниот однос, примената на законите и конвенциите во конкретниот случај. Решението на Судот во Скопје беше обемно кога станува збор за отфрлање, правно сложено образложено, но без да се одлучува за суштината/меритумот на спорот. Аргументите не беа во однос на тоа дали државата не преземала нешто, односно Судот не навлезе во утврдување на повреда на правата, туку одеше на образложување на тоа дали имаме или немаме правен интерес, дали треба или не треба да бараме надомест на штета, дали треба да се поднесе тужба пред друг суд, дали може да се примени ЕКЧП и слично.
Според Вас, со ова искуство што сте го имале низ македонските судови кога се во прашање постапките за аерозагадувањето, каква порака испраќа судството во однос на нашето право да живееме во почиста околина? Може ли да зборуваме за затајување или незаинтересираност?
-Не знам дали може да зборуваме за незаинтересираност, судовите одлучуваат според своето слободно судиско уверување. Тоа е нивно право како судии. Но, можете во едно образложение како што наоѓате обемна аргументација да отфрлите едно тужбено барање, барем во одреден дел да се потрудите правнички да навлезете во суштината на спорот и да одлучите позитивно. Мислам дека се работи за недостаток на волја, можеби за материја за која нема посебна пракса во државата. Оваа пракса ја почнавме ние, а има и други колеги адвокати кои водеа управни постапки. Дел од тие постапки исто се неповолно завршени. Имам сознанија за една постапка во која се разликува одлучувањето, а се однесува на правото на здрава животна средина.
Каква беше таа одлука?
-Првостепената одлука беше неповолна, слична на онаа од Основниот суд во Скопје, но Апелациониот суд ја врати назад постапката. Не знам до каде е бидејќи немаме конкретни информации. Има неколку адвокати и граѓани кои се охрабриле да водат вакви постапки, не се во голем број. И според нас, постои повреда Европската конвенција за заштита на човековите права, пристапот до правда на некој начин е оневозможен, односно нема постапка во која јасно можете да барате заштита на ова право.
Рековте дека правдата ќе ја барате и пред Европскиот суд, сметате ли дека во европските и воопшто во поразвиените држави, поинаку се гледа на правото на чист воздух?
-Во одредени држави секако се преземени различни мерки, иако и во некои европски држави има сериозни проблеми. На пример, во Полска познат е проблемот со јагленот меѓутоа и таму се преземаат мерки. Интересно е што во балканските држави особено во Србија и Босна и Херцеговина исто така има високо загадување на воздухот. Во Република Србија се поведуваат постапки од страна на здруженија кои се поддржани од странски донатори. Проблемот е што граѓанските постапки вообичаено се скапи, подразбираат некогаш плаќање на повисоки судски такси и адвокатски трошоци. Исто така, ние во нашата постапка имавме проблем да најдеме вешто лице од медицинската струка кое ќе ни направи вештачење во смисла на тоа што предизвикува по здравјето таквиот воздух. Тука наидовме на пречки. Малку е посложено да употребите во постапка странско вешто лице, треба да докажете дека тука не сте можеле и тоа подразбира време и дополнителни средства. Според нас, Граѓанскиот суд е надлежен за одлучува за ова право.
Дали тие големи трошоци ги одвраќаат граѓаните од тоа да се борат по судски пат за ова право?
-Некогаш тие трошоци и не се големи, зависи од вредноста на спорот. Сепак има жалба, има застапници од другата страна, значи постои ризик да имате трошоци, но мислам дека генерално се работи за недоверба кон судството.
Протест во Кочани против загадувањето на воздухот / ноември 2022
Колку протестите на граѓаните би придонеле да се промени ситуацијата на подобро? Според вас, дали може еден таков активизам да вроди со плод?
-Не би можела да тврдам, бидејќи кај нас немало некој посебен резултат, досега не вродило со плод, не гледам дека таквиот активизам би вродил со плод. Оставено е на дискреционо право на надлежните да одлучат какви мерки би преземале во однос на загадувањето. Тоа е сложено прашање кое опфаќа повеќе аспекти особено за Скопје, каде што играат улога голем број фактори.
Сега граѓаните потпишуваат и петиција со барање за слободен пристап до информации од јавен карактер за загадувањето во Скопје, кој е вашиот коментар околу тоа?
-Тоа се неколку прашања поставени до Град Скопје и до Министерство за животна средина и ако добијат одговор на тие прашања, што потоа? Ние имаме факти и докази дека воздухот е загаден. Ако се постави прашањето зошто е загаден ќе се наведат повеќе фаткори и некои мерки или нема да се одговори. Тука нема ефективен правен лек. Овде можеме и ние како здружение да помогнеме ако има интерес од голем број граѓани. Во некои држави самите граѓани основаат здруженија па потоа преку нив одат како тужители, а некогаш и индивидуално се приклучуваат кон некоја тужба. Меѓутоа ние кога сакавме да најдеме тужител, многу луѓе не сакаа да се впуштат во постапка. Одредени лица кои ги контактиравме да бидат тужители немаа волја. Конкретниот тужител кој беше со нас во постапката има и здравствени последици кои се констатирани како последица на аерозагадувањето. Тој се одлучи и сам изрази волја да биде тужител.
Би можела ли ситуацијата да се подобри преку законски измени, или можеби доволно е да се работи на имплементацијата на актуелните закони?
-Секогаш законите може да се менуваат, да се прилагодуваат и да се подобруваат за да ја регулираат настанатата фактичка ситуација во смисла на развојот на општеството и воспоставувањето на други или нови стандарди. Имплементацијата како таква не може до крај да се регулира, оставен е простор и на реално делување на оние кои се надлежни. Не мора нешто да да биде напишано за да знаете како да делувате, или може да се земе пример од други држави, тоа се работи кои веќе се смислени. Секогаш имаме неки стратегии и акциски планови кои се во тек со регулативите на ЕУ, но најчесто остануват мртво слово на хартија.
Кога ја поднесувате тужбата, тужената страна е само Владата или може да се тужат други институции?
Зависи, во спорот во Скопје беше против Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје, затоа што и локалната самоуправа има надлежности и обврски , не само МЖСПП.
Вања Мицевска
Фото: МЗМП / МИА