Државата со пари на граѓаните ќе ја плати казната за постоењето на чисто ромски паралелки низ училиштата – ММС
ММС

Објавено на: 01/16/23 4:35 PM

Државата со пари на граѓаните ќе ја плати казната за постоењето на чисто ромски паралелки низ училиштата

Вкупно 45.600 евра ќе треба да плати државата на триесетина ромски семејства од Битола и Штип доколку не и’ се уважи жалбата по пресудата на Судот за човекови права во Стразбур за сегрегација на ромските ученици во две училишта од двата града. Овие ромски семејства пред шест години покренале постапка пред македонските судови и на крај завршиле пред Судот во Стразбур, кој оценил дека со создавањето на чисто ромски паралелки го повредиле правото на децата на недискриминација во врска со нивното право на образование.

Овие деца од ООУ „Гоце Делчев“ од Штип веќе се шесто одделение и учат во паралелка составена само од Ромчиња. Нивните родители ја почнале постапката кога тргнале прво одделение. Ова не е единствената „чиста“ паралелка. Во ова училиште има четири класови составени само од ученици Роми и уште три со ромски и понекое турско дете.

Директорот Зоран Митев вели дека родителите на македонските ученици се закануваат дека ќе ги отпишат своите деца доколку ги преместат во овие паралелки. Наместо во ова училиште родителите ги запишуваат во другите, со цел да се избегне мешањето до ромските деца. Општината Штип, започна со спроведување на план како да се спречи ова училиште да прерасне во издвоена образовна институција, каде ќе учат само ромски и турски деца.

-Проблемот е во родителите од македонска националност, кои прават се’ нивните деца, и покрај тоа што реонски треба да учат во ООУ „Гоце Делчев“, ги запишуваат во другите основни училишта. За 20 години колку што работам во ова училиште, структурата на учениците сосема е сменета и од соодносот  90 отсто македонски деца и 10 отсто ромски односот сега е 60:40 во корист на ромските деца, вели директорот Зоран Митев.

Родителите го користат Законот за основно образование, каде пишува дека може да не се почитува реонизацијата доколку има слободни места во останатите училишта.

– Со намалениот број на деца, секаде, во сите училишта има празни места. Со првиот ден од почетокот на училишната година почнуваат отпишувањата и преселбата во други училишта. Дури  поднесуваат и претставки и пријави до Просветниот инспекторат. Се случува и тоа родителите да ги менуваат своите адреси, само нивните деца да учат во посакуваните училишта, вели Митев.

Родителите Роми доцнат со уписите

Проблемот настанува при уписите. Законската обврска е да се запишат учениците до крај на мај, по што паралелките се формираат. Меѓутоа, родителите на ромските ученици наместо во мај, доаѓаат во септември, кога веќе е почната учебната година. Паралелките веќе се формирани и останува новозапишаните ученици да завршат во една нова паралелка, каде се запишани само Ромчиња.

Од Здружението на Роми „Черења“, кое во 2018 година спроведуваше проект за намалување на дискриминацијата на Ромчињата во училиштата, се согласни дека родителите се тие што го користат законот за да избегнат нивните деца да седат во исти клупи со ромските.

-Треба да се работи со македонските родители и нивните деца. Ние не сакаме да се изолираме, туку тие нас не’ изолираат. Ќе дојде време кога и ООУ „Димитар Влахов“ (училиште во чиј реон се ромските населби н.з.), ќе се соочи со истиот проблем, реагира Енисе Демирова од „Черења“.

Општеството се промени

Сите се сложуваат дека треба многу да се работи на овој проблем. Проблемот може да се гледа и со промената на општеството во кое сите бевме исто,  до општество на различни групи, кои не се мешаат, реагираат нашите соговорници.

Општина Штип е информирана за пресудата од страна на организацијата која ги застапува интересите на родителите – Европскиот центар за правата на Ромите, но официјално документот го нема добиено. Формирана е работна група, која веќе излегла со неколку предлози, како препорака за строго почитување на реонизацијата и стимулирање на деца од македонска националност кои ќе се запишат во ООУ „Гоце Делчев“. Еден од предлозите е општински стимулации и организиран превоз за деца Роми, чии родители ќе ги запишат во другите училишта . Но, како што вели Соња Николова од Општина Штип, тоа е скапа мерка и ќе зависи од можностите.

-Се’ повеќе ќе се соочуваме со проблемот да ја избегнеме дискриминацијата на ромските деца, поради тоа што ние веќе имаме намален број на ученици за една третина кои се запишуваат во прво одделение. Постарите деца се отпишуваат. Само ова лето имаме над 20 отпишани деца од штипските училишта, кои заедно со родителите заминуваат во странство. Но, ќе продолжиме да работиме и да бараме решение применливо во пракса, изјави Николова.

Од Европскиот центар за права на Ромите, кој помогна во поднесување на предметот пред Судот во Стразбур очекува општините да гарантираат дека децата може да се запишуваат во училишта од нивната област. Но и да преземат други мерки кои имаат за цел да стават крај на сегрегацијата на децата Роми.

 

Весна Коловска

фото: ФБ ООУ „Гоце Делчев“ – Штип