„Пред да прооди цело време одеше на прсти“: Балерината Клара Бојаџиева (12) од Штип освои прво место во Италија – ММС
ММС

Објавено на: 01/16/23 8:50 AM

„Пред да прооди цело време одеше на прсти“: Балерината Клара Бојаџиева (12) од Штип освои прво место во Италија

Пред да прооди, малата штипјанка Клара Бојаџиева цело време одела на прсти. 

Токму поради тоа таа не газела цврсто, па првите постабилни чекори ги направила на двегодишна возраст. Кога три години подоцна нејзината мајка разбрала дека во градот постојат часови по класичен балет, помислила дека на Клара еден ваков тип на танц „баш ќе ѝ личи“. Оттогаш балетот е пасија на Клара, а зад нејзините успеси освен нејзиниот труд, стои и поддршката од семејството, односно од родителите и братот Никита. Во собата на девојчето кое сега има 12 години, наградите од освоените натпревари имаат посебно место, а меѓу нив, најновата е онаа за освоено прво место на неодамнешниот танцов натпревар во Салерно, Италија.

Талентираните деца со своите успеси и понатаму се наши амбасадори во странство. Секој за почит на полето за кое поседува умешност и знаење, ја претставува Македонија во најдобро светло, но трошокот за тоа најчесто паѓа на грбот на родителите. Така беше и сега кога Клара Бојаџиева (12) се врати со освоено прво место и златен пехар во категоријата класичен балет соло до 14 години на натпреварот во рамките на балетскиот камп во Салерно.

„Јас во Италија си поминав преубаво, ние бевме единствените од Македонија. Тешко се разбиравме со другите деца, но се дружевме и ни беше интересно. Дома се вратив со трофеј и диплома“, ни изјави Клара која е ученичка во Основното училиште „Ванчо Прке“  – Штип. Нејзините омилени предмети се англиски и германски јазик, но оди во нижото музичко училиште каде осознава како да музицира со виолината.

Клара досега освоила повеќе награди, но првпат на натпревар во рамки на балетски камп.

Покрај неа, таму учествуваа уште три девојчиња – Матеа Шеќеринова, Лина Панева и Дора Милева. Четирите мали балерини се од Штип и заедно одат на часови во Центарот за балетска уметност Арабеск.

Како стигнале до кампот во Италија и колку танцот е важен за растот и развојот на децата ММС разговараше со Клара, нејзината мајка Мери и инструкторката по танц, Елизабет Колевска.

„Присуството го достигнавме со тоа што претходно имавме учество на еден онлајн балетски натпревар којшто се одржуваше во Дубаи и на овој натпревар каде што партиципиравме со испраќање видео снимка, две од нашите дечиња, односно Клара и уште едно девојче добија стипендирање за овој настан кој сега го посетивме во Италија. Покрај зимскиот камп којшто вклучуваше различни часови по различни танцови дисциплини, последниот ден имаше и балетски натпревар на кој можеше веќе да се направи едно споредување, рангирање на учесниците коишто беа и на танцовиот камп и на други учесници кои беа дојдени исклучиво само за балетскиот натпревар. Часовите се реализираа од 4 до 8 јануари“, ни изјави Колевска сумирајќи ги впечатоците.

Малите македонски балерини со уникатно искуство во Италија

Вели дека искуството било интересно и за неа и децата со кои планираат за Италија да заминат и летово на нов камп со натпревар, за што исто така добиле одредено стипендирање.

„Ова беше прво вакво поголемо случување за децата од студиото. Сѐ им беше ново, патувањето со авион, посетата на Италија како земја, но и самите часови, дружењето со другите дечиња. Генерално се запознаа со дечиња кои беа од Италија, малку се справуваме со јазичната бариера, не сите Италијанци зборуваа англиски,  тоа на крај се реализираше многу позитивно“, додава Колевска.

Според неа, оваа награда е мотив за уште поинтензивна работа понатаму.

„Имаше и солзи радосници затоа што ние не отидовме со некакви очекувања, сакавме пред сѐ да се здобиеме со повеќе искуство во областа на танцот, но ова ни беше неочекувано изненадување. Имаше голема бројка на учесници и не сакав да ги притискам моите ученици, сакавме да ја добиеме реалната слика, да видиме што можеме да покажеме, што сме совладале и да се презентираат на една далечна и поголема сцена. Сѐ беше емоционално, но во позитивна смисла“, искрена е Елизабет.

Таа вели дека девојчињата на натпреварот се претставиле со варијации со кои веќе настапувале и ги користеле за други натпревари, но сепак според неа, континуитетот во работата е исклучително важен за балерините да бидат соодветно подготвени. Варијацијата со која Клара се претставила пред Италијанците, е истата со која настапила и на друг натпревар каде го освоила второто место, откако претходно на X Dance фестивалот во Скопје победиле заедно со едно од девојчињата кои исто така беа во Италија.

Одењето за Италија било на трошок на родителите, иако како што вели Колевска, имале одредено олеснување благодарение на стипендирањето на Клара и на уште од девојчињата.

Мајката на Клара пак, Мери Бојаџиева појаснува дека нејзината ќерка добила 50 отсто стипендирање, а стипендијата за другото девојче била целосна.

„Ние си го доплативме тоа што требаше. Летот до таму и назад го плативме сами и само од една штипска конфекција направија дуксови за децата и за Елизабет“, вели Мери.

Нема „не можам“ кога е во прашање она што вистински се сака од срце

За афинитетите на нејзината ќерка кон балетската уметност зборува со гордост, бидејќи како што посочува, Клара никогаш не помислила да се откаже од својата пасија.

„На балет ја запишавме во 2015 година, кога Клара имаше пет и пол години. Јас тогаш некако слушнав дека во Штип има часови по класичен балет,  па ѝ спомнав да ја запишеме. Идејата ми беше да има некаква физичка активност за добро држење на телото. Таа пројави желба и почна. Никогаш не рече не сакам, тешко ми е. Оди со задоволство веќе седум години“, додава Мери.

Таа и нејзиниот сопруг веќе размислуваат Клара да ја запишат во Средното музичко и балетско училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, иако таа е седмо одделение. Малата балерина во меѓувреме, вели дека сѐ уште е рано да размислува дали би сакала балетот да биде нејзина професија кога ќе порасне, но сепак нема намера да се откаже. Токму поради тоа, таа обожава да оди на настани поврзани со овој тип уметност и да биде во публика кога на сцена се искусните и професионални балерини.

„Сум била во Македонската опера и балет со мајка ми и татко ми, навистина многу ми се допадна. Многу е интересно, еднаш и со наставничката Елизабет бевме повеќе деца на претстава“, посочува тинејџерката.

Балетот како важна активност за детскиот раст и развој

Според нејзината мајка, расте бројот на деца кои одат на балет и смета дека тоа е многу интересна и корисна физичка активност. Ја прашавме и Колевска од стручен аспект, како оваа активност влијае врз здравјето на младите.

„Класичниот балет сам по себе си бара одредена дисциплина, придонесува за растот и развојот на децата во однос на нивната координација, музикалност, еластичност и така натаму. Но исто така гради едни здрави, упорни млади личности кои понатаму ќе развијат кај себе многу позитивни карактеристики кои ќе бидат важни за нив во која било сфера“, ни изјави Елизабет.

Таа и нејзините колешки од Арабеск се од Скопје и веќе со години континуирано патуваат до Штип за да работат со децата од овој град, кои негуваат љубов кон балетот. Ковид пандемијата со сите рестрикции кои дојдоа „рак под рака“ со неа, несомнено се одрази врз нивната работа, но таа вели дека по периодот на стагнација сега повторно расте интересот.

Класичниот балет не им е хоби само на децата, па на часови во посебна група одат и возрасните. Со ова, инструкторите по танц и ним им овозможуваат да ги реализираат своите соништа од детството, а тие со нив труд пак, покажуваат дека никогаш не е доцна да се започне со она по кое имаме копнеж.

 

Вања Мицевска

*Фотографиите се објавени со дозвола на родителите