(Видео) Јавното палење на Библијата на ФБ го покажува стравот од книгата, став на професор Ѓорѓевиќ – ММС
ММС

Објавено на: 01/14/23 12:09 PM

(Видео) Јавното палење на Библијата на ФБ го покажува стравот од книгата, став на професор Ѓорѓевиќ

Човек што чита не може да има страв од книга. Дете кое пораснало со богата библиотека, не верувам дека може да се вознемири од интерпретација на некоја книга, како илустрираната детска Библија. Децата, но и возрасните не читаат.

Вака во емисијата „Стадион“ на Канал 77 отец Милан Ѓорѓевиќ, го толкуваше минатонеделниот потег на граѓанин, кој јавно на социјалната мрежа Фејсбук запали илустрирана Библија за деца, затоа што била дистрибуирана од протестантска црква.

Ѓорѓевиќ, кој е професор на Богословскиот факултет, објаснувајќи за запалената книга, рече дека се тоа се илустрирани, прераскажани Библии за деца, не е оригинален, туку скратен текст. Според него, спорен е нашиот однос кон писменоста и книгите воопшто, односно што очекувате од читањето на една книга.

-Дете кое пораснало со голема библиотека и постојано чита, има пристап до секаква книга –  не верувам дека човек од таква средина би можел да се соблазни или да се вознемири од интерпретација на таква книга и да не му се допадне некоја таква книга. Ќе тргнам од моите деца. Сакам тие да прочитаат книги што мене не ми се допаѓаат. Ние разговараме за секоја книга и ја опсудуваме. Преку читањето на тие книги тие треба да оформат критички пристап кон стварноста и кон животот. Ако на децата не им овозможите критички однос, тие ќе бидат неспособни понатаму во живото да се соочат токму за тие нешта за кои зборуваме, кажа Ѓорѓевиќ.


Таа култура на писменост ја имаме со години и векови и треба да ја негуваме, смета Ѓорѓевиќ и токму таа писменост не дозволува да ја доживуваме книгата како некој магичен објект којшто демек ако го тргнеме настрана и го скриеме на тој начин ќе се заштитиме.

Како што објаснува, во денешно време човек не може да избега од писменоста, затоа што во мобилниот телефон има се’.

-Мислам дека проблемот е подлабок и поопшт. Тоа не е само едно издание на Библија, тоа е еден пример, но имаме еден многу силен пример дека не читаме. Децата не читаат. Ние не читаме. Децата а го гледаме и кај студентите, тие не можат да си го задржат вниманието повеќе од една – две минути не може да читаат еден текст. Статусите на социјалните медиуми се ограничени со број на зборови, се многу кратки. На ФБ ако пишете ферман никој не го чита. Се читаат кратки статуси и веднаш се оди на следното. Тоа создава психолошка зависност. Скролањето во социјалните медиуми наликува, психолошки делува слично на оние „Блек Џек“ апарати, кои вртат портокалчиња, лимончиња. Проблем од аспект на психологијата е многу голем, рече Ѓорѓевиќ во „Стадион“.

Како професор, тој објаснува дека се случува со студентите да вежба како да читаат подолг текст. Професор Ѓорѓевиќ смета дека родителот треба да е покрај детето и вистински да му посвети време, а не да бара инстант решенија.

-Треба многу време, многу промислување, многу следење. Бунтовноста не е критичко размислување. Не може да го заштитите вашето дете со тоа што ќе му забраните, ќе го заклучите, туку да го научите како да премисли одредена порака, вели Ѓорѓевиќ.