Новиот Закон за заштита на потрошувачите донесен во ноември 2022 година, беше поздравен од јавноста поради најавите од власта дека ја засилува позицијата и заштитата на купувачите. Но, под превезот на заштитата, трговците и производителите добија закон со кој се воведе целосна повеќејазичност во трговијата.
И додека дел од компаниите велат дека за нив не е ништо ново и пазарот ги натерал да воведат декларации на албански јазик, покрај македонскиот, други реагираат дека повеќејазичноста за нив ќе чини пари, па дури и работни места.
Од коморите пак реагираат дека не биде прашани, а Предлог Законот за заштита на потрошувачи воопшто не се нашол на седница на Социјално-економскиот совет, каде вообичаено се разгледуваат сите важни законски решенија. Новините предвидуваат сите декларации, упатства, информациите на амбалажата, приврзоците, налепниците, упатство, декларациите, изјавите, сертификат и/или на другите документи. За нив спорни се членовите 6 и 37 од новиот закон. Дел од организациите и институциите што ги обединуваат компаниите и работодавачите веќе поднеле реакции до Министерството за економија, како предлагач на законот.
Законот не се разгледувал на ЕСС
-Во ред е ако се работи за храна, да има објаснување на јазикот каде се продава производот. Но, има компании кои произведуваат облека на пример, каде се прикачуваат информации со меѓународни ознаки, разбирливи на сите јазици. Веќе имаше реакции од некои од компаниите, но очекувано, ќе бидат поизразени кога ќе почнат да работат инспекциите на терен. Овој важен закон ниту ни се достави на разгледување, ниту за него се расправаше на Социјално – економскиот совет, изјави Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Во членот 6 од новиот закон стои дека „трговецот е должен на потрошувачот да му ги даде, на јасен, видлив и читлив начин, а преку амбалажа, приврзок, налепница, упатство, декларација, изјава сертификат и/или на друг соодветен документ, најмалку следните точни, целосни и корисни информации за: 1) белезите, квалитетот, начин на употреба и функционалноста на стоките или услугите; 2) влијанието на одредени стоки или услуги врз животната средина и животот, здравјето и благосостојбата на луѓето, како и за мерките за заштита, согласно важечките прописи и стандарди и 3) името или називот, географската адреса и другите податоци значајни за определување на идентитетот на трговецот. Овие информации трговецот е должен на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот.
На ова реагира увозник на хигиенските средства, кој кон крајот на минатата година има увезено производи за 6-8 месеци, со веќе напишани информации од производителот само на македонски јазик.
-Ако одиме по законот, ќе треба да вработам десетици луѓе кои ќе ги отпакуваат големите амбалажи и едно по едно да лепат декларации и на албански јазик. Во оваа економска криза уште повеќејазичноста ни фалеше, реагира увозникот.
Прилепската компанија „Трио 95“ одамна ја вовела ова обврска во пракса. Како што вели Зоран Томески, во средините каде живеат Албанци, се продаваат производи со излепени информации на албански јазик.
-Ако сакате да продавате во Западна Македонија и вашите производи да се купуваат, треба да содржат информации на албански јазик. Вакви информации имаме на сите наши производи. Со албанските партнери, со маркетите во сопственост на Албанци, имаме договори на македонски и на албански јазик, изјави Томески.
Оваа компанија за преводите ангажира овластен судски преведувач за информациите на производите да бидат исправни и точни. Секако, преводот, како што велат од таму, чини пари.
Законот нов трошок за компаниите
Дел од сопствениците на компании со кои разговаравме, реагираат дека спроведување во пракса на овој закон, ќе биде не само нов трошок, туку и непотребна обврска. Други имаат дилема што подразбира повеќејазичноста – дали и фактурите, односно сите други документи треба да бидат повеќејазични. Дали истото важи и за издадените фискални сметки?
Прашавме во Министерството за економија, каде одговорија индиректно.
„ Одредите од ЗЗП треба да се почитуваат како што се пропишани додека за толкување на поединечни одредби од секој закон е надлежна Законодавно правна комисија на Собрание“, стои во одговорот од Министерството за економија.
За Министерството доволно е што одредбите од предлог законот биле ставени на ЕНЕР, а како што одговорија, „се одржани повеќе јавни расправи во стопански комори, додека Предлог законот бил во собраниска процедура од месец мај до ноември 2022 година“. Во однос на законот биле побарани мислења од сите институции и е усогласен е со сите забелешки пристигнати до Министерството како и оние што се испратени на ЕНЕР. Во однос на актуелните реакции пристигнати по објавувањето на законот, Министерството ги разгледува.
За стока внесена пред стапување во сила на новиот закон, не е потребно двојазично обележување, додека за целата стока што е внесена во РСМ од стапување во сила на новиот ЗЗП потребно е двојазично обележување согласно одредбите на ЗЗП.
Тоа, генерално беа објаснувањата и одговорите во однос на бројните реакции од компаниите, кои сметаат дека вака поставен законот, не може да функционира.
Глоби и до 10.000 евра
Законот за заштита на потрошувачите во над десетина членови ја регулира повеќејзичноста. Во случај на неспроведување на одредбите од законот, следат глоби до 10.000 евра, како и времена забрана за вршење на дејност и тоа: За микро трговци глоба во износ од 500 до 1.000 евра, а 150 евра за одговорното лице. За мал трговец глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра, а 250 евра за одговорното лице. За среден трговец глобата изнесува од 2.000 до 5.000 евра, а 350 евра за одговорното лице. За големите трговци глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра, а 500 евра за одговорното лице.
Во делот на прекршочните санкции предвидена е привремена забрана за вршење на дејност и тоа во траење од три месеци до две години, од страна на надлежен суд за среден трговец и голем трговец и од 15 до 30 дена за микро и мал трговец, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.
Весна Коловска