(Видео) „И кучињата си одат од државата од вашата неспособност“: Активистите за заштита на животните на протест пред Влада – ММС
ММС

Објавено на: 01/13/23 4:39 PM

(Видео) „И кучињата си одат од државата од вашата неспособност“: Активистите за заштита на животните на протест пред Влада

„И кучињата си одат од државата од вашата неспособност“, „правда за искасаните луѓе и убиените кучиња“, порачаа попладнево активистите за заштита на животните.

Тие денеска протестираат пред Владата за да го изразат своето незадоволство поради последниот настан што се случи во Струга, кога човек шетајќи со пушка низ градот уби десетина кучиња.

Под мотото „Не сте безбедни во својата држава! Ајде да пробаме по наше!“, десетина здруженија за заштита на животните и поединци – активисти се собраа пред седиштето на Владата, од каде апелираа дека одбиваат во 21 век да бидат сведоци на како што велат, примитивизам, насилство и на незаконско и ѕверско однесување на поединци кое носи непоправливи штети, а може да загрози и човечки животи.

Свесни ли се воопшто надлежните дека некои од куршумите наменети за кучињата можеа да усмртат луѓе? Ние, како здруженија и како активисти, свесни сме за преголемата популација кучиња низ целата територија на државата и правиме сè што е во наша моќ да вдомиме и да ги тргнеме од улиците, но битката не можеме да ја водиме сами, оти оние кои се надлежни да ги носат одлуките се глуви за проблемот, нагласуваат здруженијата – нагласуваат активистите.

За да не дојде до нови напади на граѓани од кучиња, убиства и расфрлани отрови од кои можат да настрадаат и луѓе, здруженијата бараат надлежните институции да донесат законски измени со кои меѓу другот, ќе се обезбедат 250 бесплатни кастрации/стерилизации секој месец на територија на целата држава, со услов за микрочипирање на милениците; задолжително микрочипирање на секое куче со сопственик – парична казна од 80 евра првиот пат и 180 евра казна, доколку сопственикот повторно не ја почитува наредбата.