Кој го труе воздухот во Скопје? Се скараа Данела Арсовска и Цементарница Усје – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/23 4:55 PM

Кој го труе воздухот во Скопје? Се скараа Данела Арсовска и Цементарница Усје

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска на прес-конференција изјави дека во изминатиот период се спроведени мерења на амбиенталниот воздух во фабриката Цементарница ТИТАН УСЈЕ и дека се утврдени големи концентрации на штетни честички кои го загадуваат воздухот. Таа рече дека преземала иницијатива за да се покрене кривична постапка.

Таа наведе дека Град Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање спровел мерења на испустот на гасови од работењето на објект од тешка индустрија во општината Кисела Вода.

– Се работи за Цементарницата ТИТАН УСЈЕ од каде при извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката се забележани големи концентрации на штетни честици кои значително допринесуваат кон нарушување на квалитетот на амбиенталниот воздух на целокупното подрачје на градот Скопје, додаде Аросовска.

Таа посочи дека мерењата се извршени во два наврати, и тоа на 26 и 27 декември минатата година и 3 и 4 јануари годинава.

– Во двата наврати измерени се огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го загадуваат и нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух.  Конкретно, во месец декември минатата година, измерени се три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата, а слични резултати добивме и при мерењето кое е извршено на почетокот на овој месец. Станува збор за испуштање на три пати поголеми количини од дозволените, на метар кубен секој час, потенцираше градоначалничката.

Таа нагласи дека инспектори на градот Скопје во здружена акција со државниот инспекторат при Министерството за животна средина извршиле увид на работниот процес во Цементарницата при што биле забележани сериозни прекршувања спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца, која ја издава токму Министерството за животна средина.

– Имено, при последното мерење, констатирано е драстичнно пречекорување на испустот на штетни честици со што се нарушува квалитетот на амбиенталниот воздух.  Дополнително за загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди NOx при што резултатите од мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажуваат 711,9 милиграми на метар кубен, истакна Арсовска.

Таа потенцираше дека поради тоа преземала иницијатива за покренување на кривична постапка против цементарницата ТИТАН УСЈЕ согласно член 218, член 230 и член 234 од Кривичниот законик, за непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, со што се загадува воздух, почва, вода, во поголем обем и со што се предизвикува опасност за животот и здравјето на луѓето.

– Граѓаните на градот Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении не трујат, обидувајќи се со „донации“ по општините, коруптивно однесување и најразличен вид на влијанија да се амнестираат од одговорноста за загадувањето на животната средина од кое илјадници граѓани страдаат од бројни заболувања, порача Арсовска.

Веднаш по пресот на Арсовска, се јавија и од Цементарница Усје. Тие во соопштението реагираат на нејзините искази  дека се извршени мерења на амбиенталниот воздух во „Цементарница УСЈЕ“ и е утврдено дека фабриката придонесува кон загадувањето на воздухот во Скопје, како и дека за тоа ќе биде започната кривична постапка.

Фабриката ги демантираше наводите, нагласувајќи дека ги отфрлаат како неосновани образложијата дека вонредната контрола што била спроведена од страна на Државниот инспекторат за животна средина на 3 и 4 јануари 2023 година, во присуство и на инспектори од Град Скопје, потврдила дека емисиите од производниот процес во „Цементарница УСЈЕ“ се пониски од дозволените гранични вредности, потенцирајќи дека производниот процес во фабриката се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди.

– На прес-конференцијата без изнесени и податоци за мерења на 26 и 27 декември 2022 година. Вакви мерења во овие денови во кругот на фабриката воопшто не се направени, па оттука резултатите од нив не можат да се поврзат со УСЈЕ. Мерењата направени на 3 и 4 јануари 2023 од страна на ДИЖС и инспектори за животна средина на Град Скопје во кругот на „Цементарница УСЈЕ“, уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Резултатите од мерењата на сите емисини точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на ПМ10 честичките во амбиентниот воздух измерена во „Цементарница УСЈЕ“ е дури и помала од други мерни места во градот, истакнаа од „Цементарница УСЈЕ“.

Од фабриката наведоа дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребува мазут, што е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната еколошка дозвола.

– При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Компанијата веднаш ќе ги имплементира препораките на Инспекторатот и ќе направи замена на енергенсот со природен гас, додадоа од „Цементарницата“.

Оттаму потенцираа дека во УСЈЕ редовно се вршат независни мерења од страна на акредитирани лабаратории.

– Резултатите од досега извршените редовни мерења покажаа дека сите емисии, вклучувајќи ги и емисиите во котларата, се под законски дозволените граници. Последното вакво редовно независно мерење е направено на 28 отомври 2022 година, наведоа од УСЈЕ.