Конфекциите преплавени со странски нарачки, но нема кој да работи – Се размислува за „увоз“ на работници – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/23 2:30 PM

Конфекциите преплавени со странски нарачки, но нема кој да работи – Се размислува за „увоз“ на работници

По периодот на преживување, зголемените транспортни трошоци ги пресели странските партнери од Далекиот Исток во македонските конфекции.

Работа има и премногу, велат сопствениците на текстилните компании, кои овие месеци се соочуваат со големи нарачки од странски компании, кои сега не се во можност да ги исполнат.

-Има нарачки и повеќе од што може да прифатиме, па мораме и да ги одбиеме. Се враќаат многу познати европски марки, откако им се зголемија транспортните трошоци во земјите од Далекиот Исток. На пример, шведската марка „Итон“ дојде со нарачка за шиење на 100.000 кошули, но немаме работници, изјави Ангел Димитров, директор на „Мода“ од Свети Николе.

Напливот на нарачки не е од вчера, туку како што вели Маријана Перковска, претседателка на Текстилниот кластер, тоа е состојба подолго време, колку што трае и проблемот со обезбедување на работници, кои ќе ја завршат таа работа. Многу млади, па и повозрасни работници, вклучувајќи ги и мануелните, заминаа во странство. Според Перковска, проблемот со недостаток на работници може да се реши со релаксирање на условите за ангажирање на странски работници.

-Албанија увезе работници од Малезија. Србија исто така обезбеди услови за ангажирање на странци. Со најавата за либерализација на условите за работи на странски работници во Германија, ќе останеме без работна сила, изјави Перковска.

Како што вели првиот човек на Текстилниот кластер, поголем проблем од немањето нарачки е недостатокот  на работната сила. Според Перковска, некоја груба пресметка покажува дека недостасува околу 30% работна сила за да се задоволат потребите, за што е потребна интервенција од државата во законската регулатива.

-Итно е потребно промена на законската регулатива, преку која ќе се овозможи на тој што сака да работи и подолг работен ден и работа во сабота. И отворањето на границите на работниците преку иницијативата Отворен Балкан нема да го реши проблемот. Работникот што би дошол од Босна и Херцеговина, доаѓа да работи, да заработи и да си замине назад  дома со заработка. Со овие работни услови тоа не е можно, вели Маријана Перковска.

Другите земји од регионот покажале проактивност и овозможиле услови за работа на странци, додека кај нас, според Перковска, за ова не се ни разговара.

Во двете години од пандемијата околу 6000 работници беа испратени на принуден одмор, додека повеќе мали конфекции беа трајно затворени. Дел од овие работници никогаш не се вратија во погоните, заминаа и во странство. Сега со зголемените нарачки, тешко оди пополнувањето на работните места.

Текстилно-кожарската индустрија е важна гранка во државата, која пред пандемијата вработуваше околу 20 отсто од работната сила.

Весна Коловска