Град Скопје може и без приватни превозници, рече Арсовска и најави набавка на нови еколошки автобуси – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/23 2:18 PM

Град Скопје може и без приватни превозници, рече Арсовска и најави набавка на нови еколошки автобуси

Град Скопје може и без приватни превозници, го организираме јавниот превоз и правиме реформа на јавниот превоз – изјави денеска градоначалничката, Данела Арсовска откако никој не се пријави на огласот за приватни автобуски превозници на линиите со број 20 и 22.

Таа најави дека Градот ќе отпочне процедура за набавка на нови еколошки автобуси,  нешто кое како што рече, е поддржано и од Советот на Градот Скопје за следната година.

„Беше објавен јавен повик за сите домашни, македонски правни лица, превозници, односно за оние кои често сакаат да ја работат оваа дејност да си се пријават. Доколку не се пријавиле тоа кажува многу што се однесува до овој повик. Со самото тоа што беа повикани на огласот да се јават како превозници домашните правни лица и да си ја работат оваа работа доколку така сакаат, чесно, а никој не се пријавил, тоа кажува многу“, рече Арсовска.

Откако новинарите ја прашаа дали тоа што нема пријави е поради долгот кон превозниците, таа рече дека Град Скопје нема долг и дека издава дозвола за вршење  на јавен превоз, а приватните превозници го прекршиле таквит договор.

„Тоа што не се пријавиле кажува сѐ“, кусо изјави Арсовска која оваа тема ја коментираше по денешната прес конференција посветена на загадувањето на главниот град. Сепак, таа одби да одговори на останатите прашања, а нејзиниот тим како и вообичаено, им укажа на новинарите прашањата да ги пуштат на електронската адреса.

За потсетување, приватните превозници од „Слобода превоз” и „Макекспрес”почнаа со протести на 28 ноември, кога со 30 автобуси блокираа дел од главните сообраќајни артерии во Скопје, барајќи да им бидат исплатени, според нив, заостанати долгови од страна на ЈСП за да почнат повторно со работа.

Откако немаше исход по овој протест, приватните превозници на 5 декември со околу 200 автобуси ги блокираа крстосниците пред ТЦ „Мавровка”, кај Црвениот Крст и булеварот „Илинден”.

По ова беа „одблокирани” крстосниците кај „Мавровка” и Црвениот крст, но превозниците останаа да протестираат уште десетина дена на булеварот „Илинден” околу седиштето на Град Скопје, по што сепак решија да ги прекинат, со цел, како што најавија, да му дадат простор на дијалогот што го предложил премиерот Ковачевски.