Кој се’ е на „црната листа“ на САД? – Груевски и Мијалков последно додадени – ММС
ММС

Објавено на: 01/11/23 12:34 PM

Кој се’ е на „црната листа“ на САД? – Груевски и Мијалков последно додадени

Денешното доаѓање на советникот во американскиот Стејт департман Дерек Шоле, го покрена прашањето за можни нови имиња на „црната листа“, овој пат, луѓе кои се поврзани со корупција. Додека тече посетата и средбите на Шоле со државниот врв, направивме преглед на имињата на македонските државјани кои веќе се наоѓаат на оваа листа. Тнр. „црна листа“ ја составува Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC). На обновената листа од 6 јануари годинава, на листата се 12 имиња. Никола Груевски и Сашо Мијалков се последните додадени од април 2022 година.

На оваа листа се Абдул Јашари, ака Ал-Албани од Скопје, кој се поврзува со терористичката организација Ал Нусри Фронт од Сирија. Следат неколку имиња кои се наоѓаат по воениот конфликт во 2001 година. На листата се’ уште е лидерот на ДПА, Мендух Тачи, потоа Џеват Адеми, Гафур Адили, Нури Беџети, Невзат Халили, Џавит Хасани, Кастриот Хаџиреџа, Џемаил Хисени, Даут Реџепи и Џезаир Шаќири. Сите се најдоа на „црната листа“ на САД за нивната вмешаност во шестмесечниот вооружен конфликт во Македонија и за поткопување на Охридскиот мировен договор, со кој завршија судирите истата година. Овој договор беше спонзориран од САД. Сите беа ставени на оваа листа поради „ангажман, или помагање, спонзорирање или поддршка на екстремистичко насилство во Република Македонија и на други места во регионот на Западен Балкан“,

Кратко време на оваа листа во 2001 година беше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој беше тргнат откако ја соблече воената униформа и стана приврзаник на Охридскиот договор. Љубе Бошкоски беше неколку години на листата, по што беше отстранет, како и Саит Рушити, еден од осудените за случајот Мавровски работници, кој во 2010 се самоуби во затворот.

Груевски и Мијалков се додадени во групата со уште четири други физички лица и еден ентитет во четири земји од Западен Балкан, согласно Извршната наредба (EO) 14033 на Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC). Ова е втора акција што OFAC ја презема според ЕО 14033 насочена кон лица кои ја загрозуваат стабилноста на регионот преку корупција, криминални активности и друго дестабилизирачко однесување.

Како што соопшти OFAC, додавањето на Груевски и Мијалков на црната листа ја зајакнува посветеноста на Министерството за финансии за промовирање на одговорност за актерите во регионот на Западен Балкан вклучени во дестабилизирачко и коруптивно однесување. Ваквото коруптивно однесување го поткопува владеењето на правото и економскиот раст и ги лишува луѓето во овие земји од можности и стабилност.

-Луѓето назначени денес претставуваат сериозна закана за регионалната стабилност, институционалната доверба и аспирациите на оние кои бараат демократско и разумно владеење на Западен Балкан“, рече потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон.