Грипот и настинките, надополнети со омикрон ги преполнија амбулантите низ државава.
Дали треба да се плашиме од оваа состојба или не, особено по најавите од Србија дека веќе е пристигната нова варијанта на омикрон nare;ena „кракен“, која е најзаразна од сите до сега.
ММС разговараше со професорот Никола Пановски, кој вели дека фактот што оваа варијанта е најзаразна до сега, не значи и дека е најопасна, но и тоа дека оваа најзаразна варијанта не знали дека не е веќе дојдена во Македонија.
-Тој е веќе проширен, што значи ќе дојде и кај нас, иако мислам дека веројатно е и дојден. Само треба да се детектира тој тип. Не е ништо ново, тоа е повторно омикрон, некоја варијанта. Дека е позаразен тоа е сигурно, односно најзаразен е од сите до сега, меѓутоа нема докази дека е поопасен, посмртоносен. Но, бидејќи е позаразен, нормално е дека ќе има голем број случаи и нормално е да ќе има и смртни случаи. На пример на 1500 можно е да има 5-6 смртни случаи. Нема да има процентуална разлика во смртноста, бидејќи ќе има многу повеќе случаи, вели професорот и додава дека освен што е најзаразна варијанта до сега нема разлика во симптомите со другите.
-Ова е исто омикрон, разликата е само што е позаразена од претходните, од омикрон варијанти и од сите други. Што значи дека само побрзо ќе се шири. Но, опасноста не е од ширењето, целата работа е дали се полнат болниците или не. Паниката е дали здравствениот систем ќе го издржи, не заразеноста. Но, самото ширење на болеста колку што е лошо е и добро, побргу се создава имунитетот. Вирусот мора да си пројде. Овој не е како SARS-CoV, кој исчезна, веќе го нема. Овој си остана. Се шири без да предизвика инфекции, не може да се спречи и да се изгуби со мерките. За овој џабе се мерки, бидејќи кога ќе се пуштат мерките, тој пак ќе почне да се шири. Доброто сега е што е помалку опасен. Ние веќе си живееме со него, па така ќе остане и со најновиот. Нема да го снема, вели професорот Пановски.
Статистиките од дневниот корона пресек, од кои се плашевме да ги слушнеме, поради големата смртност, веќе ги нема. Професорот вели дека е добро што не се објавуваат дневните статистики, бидејќи не е само короната причина за смрт, има и други болести од кои секојдневно се умира.
-Има некои статистики, вчера имаше информација дека имало 250 случаи неделно, со девет починати. Значи во просек има по еден до двајца починати дневно. Но, не знам дали оваа статистика треба да се објавува дневно. Умираат да речеме по 50 луѓе дневно од различни болести и за нив не се објавува, па зошто тогаш да се објави за тој еден од корона, а од дугите болести не. До кога ќе оди тоа, додава тој.
Пановски објаснува дека тоа што амбуланите се полни со пациенти е нормално за овој период од годината и нема потреба да се прави разлика дали е грип или омикрон.
-Има разни вируси, не се само овие два. Сезона на грип е. Нема потреба да правиме разлика. Ако се влоши ситуацијата одиме во болница. И за едното и за другото. Порано имаше мерки, бидејќи имаше по 50 луѓе на ден, а сега не. Можеби ќе се качи на пет дневно, но мислам дека нема повеќе. Работата е во лечењето. И понатаму се дава антибиотик, за кој сум кажал и пак ќе кажам дека одмага. Го уништува имунитетот, флората и нема врска со бактериската инфекција. Најдобро е ништо да не се земе. Организмот сам да се избори. За овие три години јас сум бил настинат 10 пати. Сум земал кафетин колд ако ми било тешко, а сум морал да излезам да одам на предавање. Инаку, треба да се седи дома, да се носи маска надвор ако мора да се излезе, да се пијат течности, да се јаде овошје и зеленчук. Тоа е. Не е првпат да имаме настинки. Организмот сам треба да се избори, бидејќи ако во ваква ситуација се зема антибиотик може само штета да се направи. Ако имате болки или температура да се земе далерон, парацетамол или бруфен. За антибиотик треба да има ангина, пневмонија.., да се докаже лабораториски и ренген, па дури тогаш да се зема антибиотик. Но, за обична настинка-не, вели професорот.
(В.М.)