Парите што ги испраќаат иселениците чинат над 16 отсто од БДП, но колку губиме со нивното заминување? – ММС
ММС

Објавено на: 01/10/23 2:35 PM

Парите што ги испраќаат иселениците чинат над 16 отсто од БДП, но колку губиме со нивното заминување?

Над една милијарда евра секоја година влегуваат како дознаки од лични трансфери, каде спаѓаат и парите што ги испраќаат иселениците до своите најблиски, кои останале дома во Македонија, покажуваат податоците на Народна банка на РСМ.

Тука влегуваат и работнички надоместоци, пензиите и други трансфери од странство како финансиски прилив регистриран преку Системот за известување за меѓународни трансакции (ИТРС) на Народната банка на РСМ.

Но, овој износ не е целосен, бидејќи тука не се евидентираат парите што физички ги донесуваат нашите државјани или стигнуваат преку други канали.  Не е лесно да се даде прецизен износ. Народна банка има податоци за парите што стигнуваат преку банки, финансиски сервиси и средствата што се пријавуваат при влегувањето во државата. Од Централната банка нагласуваат дека само една третина од парите од иселениците доаѓаат преку формални канали, додека готовинската форма е околу 70 отсто.

Дополнителна слика даваат податоците од Евростат, според кои, во 2020 година од земјите на Европската Унија кон балканските земји испратени се над 8,5 милијарди евра. Токму земјите на ЕУ се избираат за земја за живот и работа од страна на македонските иселеници. Околу 82 отсто од македонските државјани се иселиле во земјите на ЕУ, покажува статистиката на ОЕЦД. Германија со 65,8 отсто била крајната дестинација на нашите сонародници. Во многу помал процент под 10 отсто како земја за живеење и работа биле избрани Швајцарија (8%), Австрија (6,9%), Словенија (4%), Шведска (2%), додека во САД се иселиле 5,8% (извор: „Цената на миграцијата на младите“,Вестминстер фондацијата и Институтот за развој и иновации) .

Што добиваме а што губиме?

Девизниот прилив е условно кажано, добивката од заминувањето на нашите сограѓани во странство. Но, што губиме ние, што губи државата?

Не е претерано да се каже дека нема семејство, кое нема некој член во странство. Според податоците на Светска банка, до 2019 година од Македонија се иселиле 658.000 луѓе, што е 32% од населението. Пописот 2021 година, од тие што се попишале како нерезидентно население евидентира 260.606 лица државјани на Македонија кои во периодот на неговото спроведување живеат или престојуваат во странство  повеќе од 12 месеци  поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои се со нив.

Македонија со тоа, го губи својот човечки потенцијал во кој вложува со години. Илустративни се податоците од публикацијата на Вестминстер фондацијата и Институтот за развој и иновации од Белград, според која, се вложува 45.000 евра за еден доктор на науки.

Според понудената анализа, Македонија инвестирала околу 502 милиони евра во образованието во 2018 година. Највисока сума се однесува на високото образование (203,4 милиони евра), а потоа следи основно образование (191,1 милиони евра) и средно образование (107,5 милиони евра).

-Образованието на граѓанин на Македонија кој во 2018 година завршил академските студии (кои траат пет години во просек) преку завршено основно образование (деветгодишно) преку средно училиште (четири години), чини околу 29.000 евра. Цената на четиригодишното средно образование (вклучувајќи го основното образование) во 2018 година изнесува околу 14.500 евра, додека деветгодишно основно образование чинеше близу 9.000 евра. Проценката на трошокот за  еден доктор на науки не се прави лесно поради недостапноста на податоци. Врз основа на достапните информации, во просек се трошат околу 48.000 евра за еден човек да стигне до титулата доктор, пишува во публикацијата.

Понатаму, врз основа на овие податоци, се прави пресметка на загубата со заминувањето на овие образовани кадри во странство.

-Во зависност од образовната структура и бројот на заминувања, вкупните трошоци за образование на луѓе кои ја напуштаат Северна Македонија за една година варираат од 116 до 433 милиони евра. Поради неможноста да се спречи годишната емиграција, потенцијалната годишна бруто додадена загуба на вредност е измерена околу 333 милиони евра, што е околу 3,1 отсто од БДП за 2018 година. Едноставно кажано, секој работоспособен човек што ја напушта Северна Македонија зема приближно 15.850 евра од некој потенцијален иден БДП со нив, стои во објаснувањето.

Секако, изложените податоци даваат некаква приближна слика на состојбите, иако како што наведуваат истражувачите, последиците од заминувањето на младите и образовани, допрва ќе го почувствуваат општествата и државите како нашата. Имено, државата вложува во нивното образование, а губи во БДП со нивното заминување, односно тие пари не се враќаат. Тука е и товарот на пензискиот систем, кој ќе стане преобемен, затоа што помалку ќе се полни, а повеќе ќе се празни за новите пензионери. Со други зборови, земја што се празни, а населението кое старее не може да обезбеди доволно за прогресивно движење.

 

Весна Коловска