Австриските власти го одбија барањето за азил на еден 24-годишен Ирачанец оженет со Австријка и му препорача додека е во Ирак брачната врска „да ја одржува преку телефон и интернет“.
Службата за азил оценила дека Ирачанецот, спротивно на неговите тврдења, не е во опасност во својата земја, напоменувајќи дека неодамна склучениот брак со австриска државјанка не му дава право на азил.
– Вашиот интерес за зачувување на бракот со австриска државјанка и покрај вашето враќање во Ирак, може да се оствари на повеќе начини, како што е Скајпот и повремените посети, стои во официјалното образложение на Службата.
Подносителот на барањето за азил во април се оженил за волонтерка од прифатилиштето кеде што бил сместен. При својот престој во Австрија почнал и да се обучува за готвач.
Ирачанецот планира жалба на одлуката на австриската Служба.
Извор:МИА