Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска соопшти дека во ниту еден момент не бил ниту вклучен, ниту информиран за подготовката на Предлог-закон за системот за плати во јавен сектор, кој, како што наведува, „Владата преку МИОА во очи на Нова година на ЕНЕР го поставила Нацрт-законот за системот (кратење) на плати во јавниот сектор”.
-Според првичниот увид во текстот сметаме дека се намалуваат правата на работниците во делот за платите и се елиминира можноста за уредување на оваа материја со колективните договори со што значително ќе се влијае на укинување на колективните договори во јавен сектор во кои се уредени системот на плати и нивната исплата, а за што ССМ изнинатиот период предупредуваше. Во Нацрт- законот е уредено дека исплатата на дополнителната компонента на платата и надоместоците на плата зависи од тоа дели се предвидени средства во буџетот и на тој начин индиректно ќе се врши намалување на платите на вработените во дејностите каде што се исплаќа истата во овој момент, стои во соопштението.
Од ССМ наведуваат дека дополнително вредноста на бодот за ниво на работно место ја утврдува Собранието на предлог на Владата. Според нив, во процесот повторно се исклучени синдикатите и нивните претставници со што се елиминира нивната улога, односно Собранието на државата на предлог на Владата го утврдува коефициентот за максимален износ на плати во различни платни потсистеми.
-Она што загрижува е дека платите дополнително ќе се намалуваат доколку работникот користи годишен одмор, што е уставно загарантирано право и за време на користење на годишен одмор вработените имаат право на плата во висина на нивната основна плата, а за време на привремена неспособност за работа надомест на плата во висина од 80 отсто од основната плата. Се ова укажува дека во Нацрт- законот е предвидена максимална надлежност на државните органи во регулирањето на оваа материја без социјален дијалог и активно учество на ЕСС и синдикатите како претставници на работниците со што се крши Конвенцијата за правата на работниците во јавниот сектор, како и другите меѓународни документи и принципи за активен социјален дијалог и право на колективно договарање на вработените во јавниот сектор, се вели во соопштението.
Владата, како што се наведува, продолжува со веќе воспоставената пракса на озаконување на сите незаконитости, кои се случуваат на грбот на работниците што е преседан во поглед на уредување на работните односи и социјалниот дијалог.
– Како синдикат, бараме повлекување на ваквиот предлог на закон за да биде доработен без сите негативни ефекти кои ќе ги предизвика, во консултации со претставниците на работниците синдикатите и експерти од Меѓународната организација на труд и останати чинители преку инклузивен процес, стои во соопштението од Сојузот на синдикатите на Македонија.