Ќе ги заштити ли Уставниот суд слободите и правата на новинарите по настаните од 27 април? – ММС
ММС

Објавено на: 01/10/23 12:40 PM

Ќе ги заштити ли Уставниот суд слободите и правата на новинарите по настаните од 27 април?

На утрешната седница на Уставниот суд ќе се најде предмет со барање за заштита на слободи и права по пресуди за упадот во Собранието и настаните од 27 април 2017 година. Новинарот Влатко Стојановски е еден од оштетените новинари, како подносител на барањето, преку адвокатот Филип Медарски. Новинарот Стојановски смета дека со пресудите на Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права.

-Според него државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27.04.2017 година при извршување на работната задача во Собранието, а двата суда со пресудите не ги зеле во предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес (конституирање на ново парламентарно мнозинство), пишува во објаснувањето пред седницата доставено од Уставниот суд.

Уставниот суд во јуни лани веќе расправаше по барањето на Стојановски, со што беше поминато „првиот филтер“. Конечната одлука се очекува да биде донесена утре.

Во текот на расправата уставните судии искажаа спротивставени мислења по барањето. Судија-известител Осман Кадриу смета дека треба да се одбие барањето на новинарот Стојановски.

– Овде од страна на државата нема вина да нема ништо преземено за да се овозможи тоа што е предвидено кога станува збор за вршење на новинарската одговорност, затоа што станува збор за вонредни околности кои беа преземени такви физички недозволени дејствија со кои дел од присутните лица беа физички нападнати, како Заев, Шеќеринска, Села и другите, кажа Османи.

На ова се спротивстави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, која рече дека не е точно дека државата нема пропусти во овој случај.

-Може да прифатам дека државата нема вина и треба да се грижи за здравјето на луѓето само доколку ова се случеше надвор од Собранието, но овој акт на насилство се случува во зградата на Собранието. Повредено им е правото оти се новинари – таму се за да известуваат тоа е нивно право. Им се одземаат мобилните телефони да не може да известуваат им се кршат камерите, се тепаат се бркаат, ги групирале во „наши” и „ваши”, оние кои беа „нивни” новинари слободно се шетале, другите се малтретирани, затоа што Влатко Стојановски бил новинар од „Фокус“ му било оневозможено да известува, кажа на расправата Кацарска.

Негативна беше одлуката на Граѓанскиот суд и по тужбите против државата на тројца други новинари – Наташа Стојановска, Душица Мрѓа и Горан Трпеноски, по што Европската федерација на новинари ги повика судиите да ги преиспитаат одлуките.