Неколку месеци одзема чекањето на пациентите со малигни заболувања за преглед и контрола на нивната болест. Одбележувајќи го октомври – месецот на борба против рак на дојка, Здружението „Борка“ алармираше надлежните поскоро да најдат решение за овој проблем.
Дека раната детекција е исклучително важна во оваа борба, беше порачано и вчера од Градскиот парк во Скопје каде Здружението ја организираше прошетката „Напред розово“.
Во рамките на настанот кој се одржа десетта година по ред, и годинава се продаваа розеви производи, а средствата ќе се искористат за обезбедување на психосоцијална помош и поддршка за болните од рак и нивните семејства, обезбедување на перики за жените со низок социјален статус кои примаат хемотерапија, посета на клиниките за онкологија и торакална хирургија од волонтери на Здружението, одржување на бесплатната СОС линија за помош и поддршка.
Министерката за труд и социјала, Мила Царовска апелираше на болните жени да им се пружи поддршка, а министерот за економија, Крешник Бектеши кој настанот го следеше со својата сопруга, посочи дека најдобрата грижа за себе, подразбира чести контроли.
Бројот на пациенти со рак на дојка во земјава расте од година во година, а податоците покажуваат во моментот со оваа болест живеат околу 1200 лица.